Охридската цреша, односно сортите „црна“ и „долгашишка“ од 2017 година е првиот регистриран назив со заштитена географска ознака, што беше и прва постапка според новиот Закон за заштита на македонските национални земјоделски производи.
Охридскиот регион има исклучително поволни климатски услови за одгледување на ова овошје, па насадите се неколкукратно зголемени. На државно ниво, во последниве три години забележан е контимуиран раст на површините со цреши за 23 отсто и зголемување на бројот на баратели за субвенции за цреши за речиси 30 отсто. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го објави Јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет“, рече министерот Трајан Димковски при работната посета на охридскиот регион, во рамки на која оствари средби со дел од производителите на цреши.
– Ние како земја имаме многу домашни земјоделски производи и традиционални специјалитети кои се надалеку прочуени, но досега не беа заштитени по примерот на европските држави. Затоа, си поставивме цел, со средствата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година во износ од 1,5 милиони денари, да започнеме активности за да ги заштитиме називите на нашите земјоделски производи и традиционални специјалитети, вели Димковски.
Јавниот повик кој ќе трае во наредните 45 дена. Максималниот износ за техничката поддршка изнесува 80% од вредноста на трошоците за изработка на елаборат односно спецификација на производот, лабораториски анализи, истражување на пазар и трошоци за контрола и верификација за соодветноста на елаборатот односно спецификацијата со производот, но не повеќе од 300.000 денари.
Извор: ohridpress.com.mk