Крајно време е да прекине досегашниот начин, искористување на водните ресурси на Охридското Езеро за производство на електрична енергија. Ова е ставот на научниците од Хидробиолошкиот Завод од Охрид кои сметаат дека треба да се ревидира договорот со Албанија за користење на езерската вода кога станува збор за котите на Езерото, бидејќи сегашните даваат простор за манипулации. Ако максималната кота според сегашниот договор е 693,75 сантиметри, а минималната 693,10, станува збор за воден столб висок 65 сантиметри, што е огромна количина на вода којашто се користи за производство на струја.
„За нас како биолози и како адвокати на природата и на живиот свет е недозволиво, затоа што верувајте многу страда природата, многу страда Охридското Езеро и всушност се врши негова деградација, како на самото езеро, така и на живиот свет“, изјави Орхидеја Тасевска, директор на Хидробиолошки Завод Охрид.
Уште повеќе загрижува тоа што многупати досега се случувало нивото на Езерото да се спушти под минималната кота и големи површини од крајбрежјето да остануваат на суво, а тој литорален појас нуди најмногу животни можности.
„Останувањето на тие живеалишта на суво, токму поради тие драстични осцилации на водата верувајте дека води кон последици по живиот свет. Има организми коишто толку се чувствителни на секоја промена во животната средина што за жал може да се соочиме со нивно изумирање или исчезнување“, додаде Тасевска.
Тасевска посочува дека токму литоралниот дел од Езерото е најбогат со ендемични живи организми, поради што за надминување на сегашните состојби решението го гледа преку строго контролирано испуштање на вода со поставување на софистициран механизам на испустот кај Струга.