Рускиот милијардер Роман Абрамович префрлил милијарди долари странски средства на своите деца три недели пред почетокот на војната во Украина. За ова пишува „Гардијан“ повикувајќи се на документите на кипарската компанија „Меритсервус“, која долги години управувала со имотот на рускиот милијардер.

Пред руската инвазија на Украина, Абрамович поседувал најмалку 10 трустови во Кипар и Џерси. На почетокот на февруари ја започна нивната реорганизација, по што имотот го презедоа седумте деца на милијардерот. Тие станаа акционери на големи руски компании и сопственици на скап имот, како што е суперјахтата „Еклипс“.

Постапката за реорганизација заврши токму на денот кога започна војната – 24 февруари. Децата на Абрамович добија од 51% до 100% од акциите во трустовите, тие станаа сопственици на средства во вредност од најмалку 4 милијарди долари. Најмалото од неговите деца има 9 години.

Реорганизацијата почна да се спроведува по заканите од западните земји на крајот на јануари за воведување санкции против руските бизнисмени во случај на непријателства, забележува весникот.

По избувнувањето на војната во Украина, владата на Велика Британија и на Европската унија воведоа санкции против Абрамович, нарекувајќи го про-Кремљ олигарх. Тој беше обвинет дека профитирал од блиските односи со Путин. Абрамович негираше каква било поврзаност со Кремљ и одлучи да ги оспори ограничувањата што му беа наметнати на суд.

Во исто време, САД не воведоа санкции против Абрамович. Претходно „Волстрит џорнал“ напиша дека украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал од Џо Бајден да го отстрани олигархот од подготвената листа на санкции. Ова требаше да му овозможи на Абрамович да продолжи да посредува во преговорите со Русија.