Бура од реакции од меѓународната заедница откако Русија го стопираше договорот за извоз на жито. Обединетите нации, ЕУ, САД и Велика Британија бараат одлуката да биде повлечена.
„Одлуката на Русија да продолжи со нејзината ефективна блокада на украинските пристаништа и да го спречи житото да стигне до пазарите ќе им наштети на луѓето во светот. Русија ќе биде целосно и единствена одговорна за последиците од овој воен чин на агресија. Ја повикуваме владата на Русија веднаш да ја повлече својата одлука“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.
Иницијативата за црноморско жито ќе биде суспендирана додека не се исполнат барањата за доставување руска храна и ѓубрива во светот, соопштија од официјален Кремљ.
„Русија ги исполни своите обврски и го продолжи договорот неколку пати, и покрај тоа што условите во однос на Русија не беа спроведени. Високо ја цениме улогата на Гутереш во склучувањето на договорот, неговите напори во обидот да ги убеди европските земји да ги исполнат своите обврски. Но, тоа не се случи“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинскиот министер за надворешни работи Кулеба, прекинот на договорот го опиша како неодговорен потег што ја загрозува глобалната безбедност на храната.
„Русија го прави тоа додека го зголемува сопствениот извоз на глобалните пазари. Одржавме многу разговори, вклучително и со генералниот секретар Гутереш, за тоа како да продолжиме понатаму бидејќи мора да функционираат поморскиот и копнениот коридор, за извоз на украински житни култури на глобалниот пазар“, изјави украинскиот министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба.
На фронтот и вечерва се водат жестоки битки. Киев известува за комплицирана ситуација во борбите во источна Украина и успех во делови од југот на земјата.