Електронската трговија и онлајн купувањето предизвикаа сериозна криза во малопродажните продавници за облека во Италија.
Трендовите тоа го сугерираа, но сега бројките го потврдуваат тоа, пишува „SkyTg24“ во материјал на оваа тема.
Во последните години, промената на навиките на потрошувачите е забрзана поради пандемијата и физичкото затворање на продавниците, а потоа и поради инфлацијата и наглиот раст на цените, додаваат медиумите.
Бројките од трговските здруженија „Unioncamere“ и „InfoCamere“ ја прикажуваат сликата: помеѓу 2019-та и 2023-та година, бројот на продавници за облека падна за повеќе од 9.000, на нешто повеќе од 78.000 на 30-ти септември 2023-та година.
Премиерката Џорџа Мелони, исто така ги коментираше тешкотиите за овој сектор, велејќи дека „ниту еден веб-гигант во трговијата никогаш нема да може да ја замени културната и социјалната функција што ја вршат физичките трговци и занаетчии“ во Италија.
Со исклучок на Вале д’Аоста и Трентино-Алто Адиџе, каде што негативната промена во проценти е поограничена, сите други региони на централна и северна Италија, почнувајќи од Лацио, Марке, Тоскана и Венеција, забележаа загуби од повеќе од 10 %.
Трендот е најсилен во Лацио, Ломбардија и Тоскана.
Овие три региони заедно претставуваат речиси половина од негативната промена на национално ниво (46% од вкупниот број затворени продавници во земјата).
На ниво на провинција, најзначајните процентуални промени се забележани во централна и северна Италија: Рим, Анкона, Ферара и Риети забележаа намалувања од повеќе од 20% за периодот од 2019-та година за малопродажбата на облека.
Јужна Италија оди малку подобро.
Кротоне, Рагуза и Сиракуза се единствените провинции каде што промената во активноста на трговијата со облека е позитивна, со +1,6% и +0,5% соодветно за двата сицилијански града (Рагуза и Сиракуза).