Средства во износ од 1,4 милијарди денари издвои државата годинава за активни мерки и програми за намалување на невработеноста.
Очекувањата се со нив да бидат вклучени околу 12 илјади лица и тие да обезбедат рамномерен опфат на мажи и жени. Фокусот во најголем дел ќе биде најмногу на лица до 29 години, а мерките и програмите треба да обезбедат и рамномерна регионална застапеност. Со нив ќе бидат поддржани 1.364 микро бизниси.
Вицепремиерката задолжена за економски прашања Мила Царовска, на денешната презентација на Оперативниот план за 2020 година пред синдикатите, работодавачите и стопанските комори истакна дека оваа сума е највисока досега што се издвојува за активни мерки и програми за вработување. Зголемувањето, рече, се должи на фактот што изминатите години тие ги дале очекуваните резултати.
Царовска потенцираше дека со активните програми и мерки се обезбедува поголема вработливост за сите невработени лица, стимулиријаќи ги невработените да се преквалификуваат или доквалификуваат, како и компаниите да ги апсоорбираат овие невработени лица и да ги вклучат во пазарот на трудот.
-За Оперативниот план оваа година обезбедивме 1,4 милијарди денари, од кои 1,3 милијарди денари се од државниот буџет, додека останатите финансиски средства се обезбедени од партнерските организации, UNDP, EU, UNOPS, ILO и SDC, кои постојано ја поддржуваат државата да инвестира во активни мерки за вработување. Благодарение на оваа рекордна сума, очекуваме оваа година да бидат вклучени речиси 12 илјади невработени лица, односно 11.761 лице. Во 2020 година продолжува трендот на инвестирање во невработените лица од кои очекуваме да развијат претриемачки дух. Се покажа дека стартувањето на овие микро бизниси од невработените лица се навистина одржливи, во 2020 година очекуваме да поддржиме 1.364 микро бизниси, за кои одвојуваме 447 милиони денари, за да невработените лица се самовработат, а ако понатаму се развиваат да бидат вработувачи на други невработени лица, истакна вицепремиерката.
Очекувањата за воспоствување на што повеќе микро бизниси се базираат на реалност, како што потенцира таа, ако се земат во предвид формираните претријатија преку мерката Самовработување во изминатите две години, 93 отсто од основаните компании во 2017 година се сеуште живи, додека од компаниите формирани во 2018 година, 99 отсто се сеуште активни.
Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП, организација која е еден од партнерите во имплементацијата на Оперативниот план, истакна дека овие мерки и програми се многу значајни за зголемување на вработливоста на сите граѓани, особено на најранливите.
-Во партнерство со Владата, Програмата за развој на Обединетите нации ќе реализира неколку програми и мерки со цел јакнење на претприемништвото и поттикнување на одржливи вработувања и креирање на нови работни места, фокусирајќи се на младите, иновациите, но и на ранливите категории на граѓани, истакна Сахакјан.
Дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политка Санела Шкријељ, посочи дека особен фокус во Оперативниот план и во програмите што ги носи Владата се младите и подеднаквата застапеност на жените и мажите.
-Со поддршка на ЕУ во оперативниот план за годинава е предвидена опфатеност на 1.200 корисници на гарантиран минимален приход. Ќе се активираат најработоспособните во семејствата со што корисниците на социјална помош нема трајно да останат во системот на социјална заштита, туку ќе се извлекуваат преку вработувањата. Мерките од досегашните оперативни панови даваат резултат, а показател за тоа е намалувањето на стапката на невработеност кај младите лица, којашто изнесува 35,3 отсто, споредено со 2016 кога беше 48,6 отсто. Ова ни дава поттик и натаму да креираме мерки кои ќе придонесат за зголемување на вработувањето на младите лица, рече Сахакјан.
Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска кажа дека Агенцијата е потполно подготвена за успешна имплементација на Оперативниот план за 2020 година.
-Оваа година ќе имплементираме обуки кај работодавачи, обуки за стручни квалификации, за занимања, за возачи, за претриемништво и за ИТ вештини. Обуките се однесуваат за оние дефицитарни занимања, за да им се излезе во пресрет на работовачите и невработените лица. Практиканството е мерка која ја побаруваа и компаниите и невработените, а во 2020 година планиран е опфат од 1.575 лица со буџет од 46 милиони денари. И покрај тоа што немаа обврска, треба да споменеме дека околу 50 практикантите беа задржани кај работодавачите и по завршување на процесот на практиканство, нагласи Јовановска.
Мерките и програмите се објавени на веб страницата на Агенцијата за вработување, а сите заинтересирани можат да аплицираат во центрите за вработување во земјава.