Македонија во последниов период е сведок на покачување на цените. Просто човек не знае кој производ ќе изненади со нова цена. И еве сега стапи во сила одлуката за поскапување на полисите за задолжително автомобилско осигурување.
Едноставно, вчера Национално биро за осигурување ги извести осигурителните компании дека треба да наплатнуваат по цената зголемена за 15 отсто.
Дали ова мораше да се случи? Оправдана ли е волку многу зголемената цена?
Денеска против ова реагира Агенцијата за супервизија на осигурување.
–По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано, се наведува во соопштението од АСО.
Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.
–И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност, наведуваат од АСО.
Инаку, од вчера граѓаните плаќаат поскапа регистрација на возилата при што новите повисоки цени се однесуваат за коли со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за колите со моќност до 44 киловати останува иста.
Наместо досегашните 5.453 денари за полиса за осигурување за 44 до 55 киловатно возило, сега треба да се издвојат 6.292 денари или 893 денари повеќе. 6.166 чинеше досега полиса за автоодговорност за восила од 55 до 66 киловати. Со промените на цените сега тоа ќе ги чини граѓаните 7.115 денари. 8.233 денари сега ќе се пллаќа за полиса за автоодговорност за возило кое е од 66 до 84 киловати, ставка која досега изнесуваше 7.134 денари. За возило од 84 до 110 киловати новата цена на полисите е 9 820, а досега чинеше 8.510 денари. 15,4 отсто е и зголемувањето на цените на полисите за возила над 110 киловати, односно наместо 10.294 колку што се плаќаше досега, ќе се плаќа 11 878 денари.
Исто така, ќе се променат и доплатоците за полисата за автоодговорност, односно 30 проценти за такси возилата, и доплатоците за рент а кар возила, за оние возила кои имаат повеќе од пет седишта, товарни возила, како и доплаток за осигуреникот кој се пресметува според возраста на имателот на полисата.
Сето ова треба да се преразгледа. Возењето автомобил е потреба. Како тргнале – ќе го претворат во луксуз.