Членките на ЕУ на крајот ќе бидат принудени да се согласат на мировни преговори меѓу Украина и Русија поради домашните економски потешкотии, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Влошувањето на економската ситуација на Запад ќе ги принуди земјите да се залагаат за мир“, изјави Орбан за радио „Кошут“.
Се додека трае конфликтот, европската економија „нема да биде онаква каква што сакаме“. Сепак, како што рече, во европските влади доминираат „поддржувачите на војната“.
Ако има нешто што би можело да ги натера земјите од ЕУ да ја преиспитаат својата позиција за конфликтот, тоа е натамошното влошување на економската ситуација на Стариот континент, рече Орбан.
Повеќето луѓе во Европа веќе ја делат позицијата на Унгарија и се противат на конфликтот, а економските неуспеси може да ги принудат овие луѓе да „вршеат притисок“ врз владите во нивните земји, додаде тој.
Според унгарскиот премиер, исходот од претседателските избори во САД следната година би можел силно да влијае и на општата позиција на Западот по ова прашање. „Постојат две можности… претседателските кандидати или ќе ја поддржат војната или ќе објават крај на војната“, рече тој.
Унгарскиот премиер забележува дека верува оти американскиот претседател е сосема способен „да стави крај“ на конфликтот. Сепак, тоа не значи дека Европа треба само „да чека самовилата да ја заврши војната со магично стапче“, додаде тој.
Орбан го критикуваше пристапот на блокот кон конфликтот досега, велејќи дека „181 милијарда европски пари“ се потрошени за поддршка на Киев, но дека „не сме поблиску до мирот“. Нејасно е дали мислел на долари или евра.
Според податоците од извештајот „Мониторинг поддршка за Украина“ што редовно го објавува германскиот Килски институт за светска економија, институциите и земјите на ЕУ заедно ветија вкупно 131,9 милијарди евра (139,8 долари) на Украина во периодот од јануари 2022 до јули 2023 година, пренесува RT.
Обединетото Кралство, Норвешка и Швајцарија, кои не се дел од ЕУ, заедно ветија дополнителни 23,31 милијарди евра (24,8 милијарди долари) во истиот период, со што вкупниот износ на европските обврски ќе достигне 155,21 милијарди евра (165,66 долари), укажуваат податоците од Институтот во Кил.
Виктор Орбан долго време тврди дека Западот направил грешка во воената конфронтација со Русија во Украина. Тој постојано изјавува дека не може да има воено решение за конфликтот, додавајќи дека САД и нивните сојузници треба да престанат да го вооружуваат Киев и наместо тоа да бараат мир со Москва.