Замрзнување на цените за да се спречи поскапување, бара Организацијата за заштита на потрошувачите. Пристапот до основните прехранбени производи велат дека е елементарно човеково право, а со сегашните цени ретко кој може да си ги дозволи.
Затоа бараат Комсијата за заштита на конкуренцијата да реагира и да провери, дали трговците се здружуваат и ги качуваат цените, на товар на граѓаните.
– Знаеме дека замрзнувањето на цените е популистичка мерка и дека имаме пазарна економија, но во вакви ситуации не треба да се чека, треба да се излезе со точна проценка и да се преземат мерки зашто се оди на товар и на штета на потрошувачот. За основните намирници мислам дека не треба ни да се зборува. Поради високите цени, многу граѓани купуваат производи со помал квалитет или со помала нутритивна вредност, а пристапот до основните прехранбени производи е елементарно човеково право. Потрошувачот мора да има пристап до основните потрошувачки добра, особено храната – млеко, сирење, путер… –изјави Маријана Лончар Велкова, ОПМ.
Вчера и министерот за економија Бектеши ја повика Антимонополска комисија да излезе на терен и да провери – по кој основ растат цените. Незадоволен што во моментов Комисјата е само нем набњудувач, без ниту една претставка, најави дека ќе се менува законот, со кој повеќе ингеренции ќе има Државниот пазарен Инспекторат.
Во моментов од ДПИ велат дека не е во нивна надлежност да проверуваат зошто растат цените, но прават анализи и по консултации со Министерство за економија, најверојатно ќе бидат овластени и за тоа.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, по обвинувањата дека не работат ништо, најавија дека ќе се произнесат утре.