Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и порача на Европската унија дека сегашните и идните санкции против Русија би можеле да создадат еден од најголемите шокови на пазарот на нафта и дека алијансата не може да ги замени руските количини и нема да го зголеми своето производство.
Во време кога Брисел планира нови санкции за енергетскиот сектор на Русија, претставници на Европската унија во Виена се сретнаа со претставници на ОПЕК по повикот на Западот до групата од 13 земји да го зголемат производството.
„Може да има загуба од седум милиони барели руска нафта и друга енергија на ден, поради сегашните и идните санкции“, и други активности, рече генералниот секретар на ОПЕК Мохамад Баркиндо.
Со оглед на моменталната состојба на секторот, продолжи Нигериецот, „би било речиси невозможно да се замени загубата на количини од таа големина“.
Европската унија повторно ги повика земјите од ОПЕК да размислат за зголемување на производството за да го ублажат растот на цените, изјави портпаролот на Европската комисија за Ројтерс.
Претставниците на Унијата му нагласија на ОПЕК дека алијансата има одговорност да обезбеди рамнотежа на енергетските пазари, рече претставникот на ЕК.
Одбиени повици од САД
Енергетската алијанса досега ги отфрли повиците на САД и Меѓународната агенција за енергија за зголемување на производството за да се ублажи растот на цените, кој минатиот месец беше највисок во последните 14 години.
ЕУ верува дека ОПЕК може да го зголеми производството од резервниот капацитет, според документот на ОПЕК што го поседува Ројтерс.
Баркиндо рече дека сегашната пазарна нестабилност се должи на „нефундаментални фактори“ надвор од контрола на ОПЕК, сигнализирајќи дека државите нема да го зголемат своето производство.
Сегашните членки на ОПЕК се Алжир, Ангола, Екваторијална Гвинеја, Габон, Иран, Ирак, Кувајт, Либија, Нигерија, Конго, Саудиска Арабија, ОАЕ и Венецуела.
ОПЕК +, проширен формат на алијансата на која и се приклучи Русија, ќе го зголеми производството за 432.000 барели во мај, како дел од планираното постепено укинување на намалувањата на производството воведени за време на пандемијата на Ковид-19.