Оризопроизводителите од кочанско во вторник излегуваат на протест, со блокада на патот Кочани-Штип. Како што истакнаа тие незадоволни се од цената на арпата и белиот ориз, пласманот од минатата година се уште не е откупен и им стои, а во пресрет е и новата жетва. Имале неколку барања до министерот за земјоделие, но не се одговорило на нивните барања. Откупната цена на белото злато моментално се движи од 17 18 денари што за нив не е задоволително.

„Проблем е со откупот, наместо цените да одат нагоре тие паѓаат надолу. Лани во почетокот се движеа од 20 до 25 денари, како ги исплатија субвенциите откупувачите цените ги намалија некаде за пет денари. Моментално откупната цена на сан андреата е 18 денари, а останатите некаде околу 15 денари“ – истакна Арсов.

Произведувачите на бело злато велат дека протестите ќе траат се додека не им се излезе во пресрет на нивните барања. Според нив откупната цена на оризот мора да биде покачена за да можат да егзистираат од производство на бело злато.

„Ние не сме производители на бел ориз, ние сме производители на бела арпа. Сега доколку не ни излезат во пресрет и не ни го слушнат гласот, ние во вторник ќе го блокираме патот во двата правци“ – додаде Арсов.

На оризарите им било ветено дека цената на арпата ќе почнува од 25 денари, но и по неколкуте средби со Министерот за земјоделие истото не било исполнето. Преку протест ќе бараат исполнување на ветувањата.