Случајот со кражбата на нашите депозити преку фирмата Феро центар дооел е еден од типичните примери со доделени кредити од ограбената банка што го покажува и докажува тоа. Имено, Феро центар има невратен кредит во износ од 2,5 милиони евра. Според извештајот за банката на стечајниот управник Душко Тодевски, кредитот е доделен пред година и пол дена пред затворањето на банката односно во 2019 година. Обезбедувањето на кредитот е единствено со обична меница. Фирмата нема платено ниту една рата откако е земен кредитот, се вели во денешното соопштение на здружението Оштетени штедачи на Еуростандард банката.

„Оваа фирма е основана во јануари 2006 година, со непаричен влог од 5 илјади евра и депонентна сметка во Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Оливера Спировска Мандевска. Седиштето на фирмата е во општина Кисела Вода во Скопје.

Увидот во билансите на фирмата е повеќе од катастрофален. Во времето кога е доделен кредитот, фирмата била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие кредит. Од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади, па до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра додека капиталот на фирмата бил негативен од 500 илјади, па до 6 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто! Згора на се, фирмата има и тековен долг од 90 илјади евра за неплатени даноци и придонеси кон Управата за јавни приходи. За фирмата е отворен стечај во февруари оваа година.

Во 2019 година Управата за финансиска полиција има поднесено и кривична пријава против сопственичката и управител на фирмата Оливера Спировска Мандевска. Кривичната пријава е за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги. Имено, како што е објавено од финансиската полиција, Оливера Спировска Мандевска подигала парични средства во готово од фирмата во вкупен износ од над 1,2 милиони евра на име „материјални и патни трошоци“ во период од неколку години. Притоа, не приложила евиденција за нивна економска оправданост. Со тоа, таа го оштетила и буџетот на државата од неплатен данок на доход од околу 140 илјади евра. Со цел да ги прикрие трагите за кривичното дело, таа поднесувала и фалсификувани завршни сметки на фирмата со невистинити податоци.

Како е можно да раководството на банката подари 2,5 милиони евра пари од нашите депозити на ваква фирма? Сите индикатори биле против каква било соработка со фирмата како високоризична со никаква можност ниту потенцијал да ги отплаќа ратите од земениот кредит. Како може да се додели кредит на фирма која пливала во загуби и до 4 милиони евра? На која основа е даден овој милионски кредит? Дали некоја од наделжните институции ја испрашал Оливера Спировска Мандевска каде завршиле нашите пари? Финансиската полиција веќе поднела кривична пријава против неа за даночно затајување и фалсификување на деловни книги во 2019 година, а еве се покажува и дека слична приказна постои и за доделениот милионски кредит.

Трифун Костовски и неговата дружина, Коста Костовски и Николче Петкоски, се оние кои го доделиле овој милионски кредит. Сите до еден се добро запознати и учествувале во одобрувањето на кредитот. Прашуваме кога оваа тројка измамници ќе одговара кривично за нивните противзаконски дејствија во Еуростандард банка.