Здружението Оштетени штедачи на Еуростандард банката еден ден пред Светскиот ден на штедењето, на 30 октомври ќе протестираат пред зградата на, како што велат, еден од главните виновници за ситуацијата во која се наоѓаат, Народната банка.

„Ги повикуваме на поддршка сите граѓани кои досега биле оштетени на каков било начин од овој наш банкарски систем да ни се придружат во борбата за правата на штедачите во целост, како и сите граѓани кои сакаат да живеат во праведно општество кое е регулирано од институции кои работат во интерес на граѓаните, а не на криминалците.

На 30 октомври ќе протестираме, а на 31 октомври ќе мечтаеме дека еден ден доколку проработи правниот систем и совеста на политичарите, и ние ќе славиме повторно“, се вели во соопштението на Оштетени штедачи.

Воедно, тие се заблагодаруваат на политичките партии кои ги поддржаа и овозможија надзорната расправа во Сообранието и ветија дека ќе поднесат предлог законот за нивно целосно обештетување и конечно расчистување со криминалот во банкарскиот систем и вадење на криминалците пред лицето на правдата.