Најголемата фирма должник според извештајот за Еуростандард банка на стечајниот управник Душко Тодевски има невратен кредит во износ од 2,5 милиони евра. Кредитот на фирмата е доделен пред неполни две години пред затворањето на банката во август минатата година. Обезбедувањето на кредитот е единствено со обична меница. Фирмата нема платено ниту една рата откако е земен кредитот, соопшти здружението Оштетени штедачи.
„Увидот во билансите на фирмата е повеќе од катастрофален. Во времето кога е доделен кредитот, фирмата била во екстремно лоша финансиска состојба, несолвентна ниту кредитоспособна за да добие така голем кредит. Од 2017 до 2019 година фирмата имала загуби од 500 илјади па до 4 милиони евра. Во истиот тој период, обврските на фирмата се движеле од 5,5 до 7,7 милиони евра. Задолженоста на фирмата се зголемила од 110 на 450 отсто! Згора на се, фирмата има и тековен долг од 90 илјади евра за неплатени даноци и придонеси кон Управата за јавни приходи. Кулминација на лошото работење е отворен стечај на фирмата пред десетина дена.
Во 2019 година, Управата за финансиска полиција има поднесено кривична пријава против сопственичката и управител на фирмата за даночно затајување и фалсификување или уништување на деловни книги. Имено, како што е објавено од финансиската полиција, сопственичката подигала од фирмата парични средства во готово во висина од над 1,2 милиони евра на име „материјални и патни трошоци“ во период од неколку години и притоа не приложила евиденција за нивна економска оправданост. Со тоа, таа го оштетила и буџетот на државата од неплатен данок на доход од околу 140 илјади евра. Со цел да ги прикрие трагите за кривичното дело, таа поднесувала и фалсификувани завршни сметки на фирмата со невистинити податоци.
Како е можно раководството на банката подари 2,5 милиони евра пари од нашите депозити на ваква фирма и со ваков сопственик и управител? Сите индикатори биле против каква било соработка со фирмата како високоризична со никаква можност ниту потенцијал да ги отплаќа ратите од земениот кредит. На која основа е даден овој голем кредит? Дали е направена кредитна анализа или е даден кредитот на вересија, со цел да се подели истиот меѓу организаторите? Дали раководството воопшто ги видело билансите на фирмата и нејзината енормна презадолженост?