На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна на најниско ниво од април 2022 година. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово се движи околу 100,47 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 101,37 поени. Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута потона од вчерашните 139,35 на 138,15 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1140 долари, највисоко ниво во последните 15 месеци, додека вчера во ова време беше 1,1035 долари. Еврото зајакна во однос на доларот благодарение на проценките дека разликата во каматните стапки меѓу САД и еврозоната ќе се намали бидејќи ФЕД наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, додека Европската централна банка најверојатно ќе продолжи да ги зголемува.
Цените на нафтата, пак, пораснаа трет ден по ред. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,41 отсто, на 80,45 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,37 отсто, на 76,05 долари.