Германскиот извоз нагло падна и во јуни, како одраз на слабата побарувачка од главниот трговски партнер на Соединетите Американски Држави и другите членки на еврозоната, покажуваат податоците на Дестатис.

Вредноста на извезената стока падна во јуни на месечна основа за 3,4 отсто, речиси со исто темпо како и во мај, пресметаа статистичарите врз основа на сезонски и календарски приспособени податоци.

Увозот е стабилизиран, по пад од 6,6 отсто во претходниот месец, пренесува Мина. Во однос на јуни лани, извозот е намален за 4,4 отсто, а увозот за 6,4 отсто.

Суфицитот во трговската размена на Германија со светот во првиот летен месец изнесува 20,4 милијарди евра и е за 18,1 отсто помал од мај. Во однос на ланскиот јуни неговата вредност е зголемена за 7,4 отсто.

Во првата половина од годината вредноста на германскиот извоз е за 1,1 отсто пониска од лани и падна на 798,8 милијарди евра. Вредноста на увозот е намалена за шест отсто на 658,9 милијарди евра.

Испораките на германски стоки за другите членки на еврозоната во јуни се намалени за нешто повеќе од три отсто во однос на мај, а речиси ист процентен пад е забележан и кај извозот во трети земји.

САД ја задржаа својата позиција како главна дестинација на германскиот извоз во јуни, но со 7,7 отсто помала вредност на испораките од мај, од 12,9 милијарди евра.

Извозот во Кина порасна за 3,4 отсто на 7,9 милијарди евра на месечна основа, покажуваат сезонски и календарски прилагодени податоци. Истовремено, Кина беше главен снабдувач на стоки на Германија во јуни и покрај падот на вредноста на увозот за 4,9 отсто на 12,3 милијарди евра.

Германскиот извоз во Русија е намален во јуни за 3,2 отсто во однос на мај, за 600 милијарди евра. Споредено со ланскиот јуни, неговата вредност е помала за 22,2 отсто. Увозот на стоки од Русија е намален за 1,5 отсто во однос на мај на 200 милиони евра. Во однос на минатогодишниот јуни е за 44,8 отсто помал.