На светските берзи цените на акциите драстично паднаа и минатата недела, втора по ред, бидејќи централните банки во светот ги зголемуваат каматните стапки за да ја запрат инфлацијата, а заради тоа растат ризиците од рецесија.
На Волстрит, Дау Џонс минатата недела падна за 4,8 отсто, на 29.888 поени, СиП 500 за 5,8 отсто, на 3.674 поени, а индексот Насдак за 4,8 отсто, на 10.798 поени.
Најголемиот неделен пад на СиП 500 индексот од јануари 2020 година се должи на стравувањата на инвеститорите од рецесија, бидејќи американската Централна банка агресивно ги зголемува каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата.
Во средата ФЕД ги зголеми клучните каматни стапки за дури 0,75 процентни поени, што е најголемото еднократно зголемување на цената на парите од 1994 година.
Затоа, тие сега се движат во опсег од 1,5 до 1,75 отсто, што е нивно највисоко ниво од март 2020 година и избивањето на коронакризата.
А, ќе следуваат и дополнителни зголемувања на каматите, со оглед на тоа дека инфлацијата е на највисоко ниво во последните 40 години, над 8,5 отсто, така што, според проценките на лидерите на ФЕД, на крајот на годината каматите би можеле да достигнат и 3,4 отсто, највисоко ниво од 2008 година.
„Нашата цел е да ја намалиме инфлацијата на 2 отсто, а пазарот на труд да остане силен… Јасно е дека многу фактори кои ние не ги контролираме ќе играат многу значајна улога во тоа дали тоа е можно или не“, рече претседателот на Централната банка, Џером Пауел, наведувајќи ја притоа војната во Украина и пореметувањата во ланците за снабдување ширум светот.
Челниците на ФЕД сметаат дека економијата, и покрај големиот пораст на каматите, ќе избегне рецесија, но тие значително ги намалија проценките за економскиот раст во оваа година – од претходните 2,8 на 1,7 отсто.
Меѓутоа, не се сите убедени дека ФЕД ќе успее „меко да ја приземји“ економијата.
Аналитичарите на „Велс Фарго“ банката веруваат дека сега постојат 50 отсто шанси наскоро да дојде до рецесија. И многу други банки, меѓу кои и Дојче банк и Морган Стенли, предупредуваат дека растат ризиците од рецесија.
„Тоа е она за што инвеститорите размислуваат сега – колкава е можноста за рецесија и дали заработките на компаниите ќе бидат во склад со проценките на аналитичарите или ќе паднат“, вели Том Хејнлин, американски финансиски стратег.
Во четвртокот, еден ден после ФЕД, швајцарската централна банка ги зголеми каматните стапки, за прв пат по 15 години, од минус 0,75 на минус 0,25 отсто, порачувајќи со тоа дека помалку ја загрижува јакнењето на швајцарската валута, а повеќе високата инфлација.
Каматите, веќе петта сесија по ред, во четвртокот ги зголеми и Британската централна банка, за дополнителни 0,25 процентни поени, на 1,25 отсто.
Затоа, инвеститорите стравуваат дека напорите на централните банки да ја ограничат инфлацијата можат да доведат до нагло забавување на растот на светската економија, па дури и до рецесија. Така, минатата недела ќе остане запаметена по остриот пад на берзата.
Индексот МСЦИ на сите светски берзи падна за 5,8 отсто, што е негова најголема неделна загуба од март 2020 година и избивањето на кризата со коронавирусот.
Американскиот индекс СиП 500, пак, е во загуба од почетокот на годината од околу 23 отсто и длабоко се втурна во едно „мечкино“ подрачје, односно повеќе од 20 отсто под своето рекордно ниво.
И на европските берзи цените на акциите минатата недела драстично паднаа. Лондонскиот ФТСЕ индекс се намали за 4,1 отсто, на 7.016 поени, додека франкфуртскиот ДАКС „потона“ за 4,6 отсто, на 13.126 поени, а парискиот ЦАЦ 4,9 отсто, на 5.882 поени.
На токиската берза, пак, индексот Никеи падна за 6,7 отсто, на 25.963 поени.