На Волстрит цените на акциите остро паднаа, по предупредувањето на „Нвидиа“ за огромните трошоци од трговската војна и пораката на претседателот на ФЕД, Џером Пауел, дека економскиот раст забавува.
Индексот Дау Џонс се лизна за 1,73 отсто, на 39.669 поени, додека С&П 500 потона за 2,24 отсто, на 5.275 поени, а индексот Насдак за 3,07 отсто, на 16.307 поени.
Меѓу најголемите губитници, со пад од речиси 7 отсто, беа акциите на „Нвидиа“, откако производителот на чипови објави дека американските ограничувања за продажба на одредени чипови на Кина и други земји ќе ја чинат околу 5,5 милијарди долари.
Ова предизвика пад на цените на акциите на неколку други производители на чипови, па индексот на секторот вчера беше најголемиот губитник, кој падна за 4 отсто.
„Компаниите почнуваат да известуваат за влијанието на царинската војна, а тоа ја поттикнува неизвесноста“, рече Бил Нортеј, директор во У.С.Банк Велт Менаџмент.
А дека има причини за неизвесност, потврди и претседателот на американската централна банка, Пауел, кој на собирот на економисти рече дека повисоките царини од очекуваните веројатно ќе значат повисока инфлација и побавен економски раст.
Банката на федерални резерви, истакна Пауел, ќе чека повеќе економски податоци пред да преземе мерки за каматните стапки.
Поради ова, згаснаа надежите на инвеститорите дека централната банка наскоро би можела да ги намали каматните стапки и со тоа да го поддржи растот на економијата и пазарот на капитал.
„Пауел го потврди она за што се загрижени инвеститорите, а тоа е дека поради тарифната војна, економскиот раст веројатно ќе се забави и инфлацијата ќе остане висока“, вели Сем Стовал, стратег во ЦФРА рисрч.
И на повеќето европски берзи цените на акциите вчера благо пораснаа. Лондонскиот ФТСЕ индекс се зголеми за 0,32 отсто, на 8.275 поени, а франкфуртски DAX за 0,27 отсто, на 21.311 поени. Парискиот CAC, пак, ослабе за 0,07 отсто, на 7.329 поени.