На Волстрит индексот S%P 500 благо порасна во понеделникот, но падна со највисока стапка од 2022 година во текот на целиот прв квартал, што е последица од стравувањата на инвеститорите од ескалација на царинската војна.

Индексот Dow Jones порасна за 1 отсто, на 42.001 поен, а S&P 500 за 0,55 отсто, на 5.611 поени. Индексот Nasdaq, пак, падна за 0,14 отсто, на 17.299 поени.

Цените на акциите вчера остро паднаа на азиските и европските берзи, откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека реципрочните царини што ќе ги објави оваа седмица ќе ги опфатат сите земји.

Бидејќи многу земји, вклучително и Кина, Канада и Европската унија, најавија контрамерки, инвеститорите стравуваат од ескалација на царинската војна, што може да предизвика пораст на инфлацијата и негативно да влијае на меѓународната трговија и глобалниот економски раст.

Поради тоа, на пример, лондонскиот FTSE индекс вчера загуби 0,88 отсто, на 8.582 поени, додека франкфуртски DAX падна за 1,33 отсто, на 22.163 поени, а париски CAC 1,58 отсто, на 7.790 поени.

На Волстрит, индексите Dow Jones и S&P 500 благо пораснаа по неизвесното тргување. Но, во целиот март, Dow Jones падна за 4,2 отсто, S&P 500 5,8 отсто, а Nasdaq индексот 8,2 отсто.

Поради ова, индексите забележаа големи загуби во првиот квартал. S&P 500 потона за 4,6 отсто, а Nasdaq 10,4 отсто, што е нивна најголема квартална загуба од 2022 година. Дау Џонс исто така падна, но само 1,3 отсто.