Делегација од осум австриски компании заинтересирани за соработка со градежни компании што работат во областа на инфраструктурата и со институции кои распишуваат тендери во истата област денеска се присутни на бизнис форум во Стопанската комора.

-Денеска имаме микс на македонски институции и компании кои ќе стапат во разговор со австриските компании. Се надеваме дека од тоа ќе произлезат деловни зделки и дека понатаму ќе развијат одлична соработка. Нашата идеа е што почесто да се организираат вакви форуми со цел да се отвори патот нашите македонски компании и институции да развиваат одредена соработка со европските земји, изјави Јадранка Аризанковска, менаџер во Стопанската комора, пред почетокот на бизнис форумот.

Како што нагласи, самиот факт што денеска во Скопје има голем број австриски компании покажува дека постои голем интерес за соработка.

-Голем интерес за соработка има и од македонските компании, а идејата на Стопанската комора е да ги отвори патиштата за да можат полесно и подобро да соработуваат во случајов со компаниите од Австрија, рече Аризанковска.

Генералниот директор на „Македонски железници – инфраструктура“ Хари Локвенец рече дека австриските компании преку Австриската стопанска комора ги препознаа инфраструктурата и инфраструктурните проекти во делот на железницата како најголем потенцијал што во овој момент го имаме во нашата држава.

-Во новиот буџет на Европската Унија огромен процент од средствата за инфраструктура е наменет за железницата. Со самиот факт што 2021 ја прогласи за година на железниците, Европа ја покажа важноста на железниците и потребата од инвестирање во овој тип на инфраструктура. Сметам дека ваквиот тип на состаноци ќе ни помогне нам, како на држава и како на претпријатие кое се занимава со железничка инфраструктура, за полесно, побрзо и поголемо обезбедување на поголем дел од овие европски фондови и средства наменети за железничка инфраструктура, изјави Локвенец.

Средбите како денешната, додаде, се вистински пример што овозможува не само подобра соработка, туку и поголема поддршка за обезбедување на средства за градба на инфраструктурните проекти преку комуникациите кои се реализираат.

Раководителот на Трговското одделение при Амбасадата на Австрија во Белград, Ерика Теоман Бренер посочи дека осумте австриски компании што се присутни на денешниот бизнис форум во Скопје нудат иновативни услуги и продукти за транспортната инфраструктура и за секторот за логистика.

-Се надевам дека денешниот состанок ќе придонесе за понатамошна соработка меѓу двете земји. Компаниите што се денеска тука во Скопје бараат партнерства со локалните компании за да ги имплементираат проектите. Сигурна сум дека состаноков ќе им помогне да ги идентификуваат и пронајдат можните бизнис партнери за нив, изјави Теоман Бренер.

Австрија е наш 18-ти трговски партнер, но како инвеститори австриските фирми се на второто место. Нивните инвестиции се претежно во областа на градежништвото, финансиите, банкарството, телекомуникациите и енергетскиот сектор.