Електронското банкарство ( ги опфаќа банкарските активности што се извршуваат преку електронски средства, како што се: компјутери, банкомати, магнетни картички, чипови, тв-екрани, мобилни телефони итн. Електронското банкарство  претставува техника на извршување на банкарските работи, односно начин на испорака на банкарските производи. Според тоа, техниката на испорака на банкарските производи е она што ги раздвојува електронското и традиционалното банкарство.

Карактеристики

Електронското банкарство се појавило поново време и се развива со брзо темпо во последните триесет години. Неговата примена и застапеност се поврзани со развојот на информациско-комуникациската технологија (компјутерите, интернет-мрежата, мобилната телефонија итн.). Исто така, распространетоста на електронското банкарство зависи и од некои други фактори, како што се: степенот на урбанизација на земјата, нивото на образование на населението, старосната структура итн. На пример, во сите земји, електронското банкарство претежно го користат лицата со повисок доход, со повисоко образование, помладите и градското население. Во секој случај, дури и во развиените земји, услугите од електронското банкарство повеќе ги користат претпријатијата, отколку луѓето.

Овој вид банкарство е наменет за сите клиенти кои имаат отворено сметка во банката која нуди услуги од областа на е-банкарството. Сите клиенти, преку пополнување соодветен образец, може да станат корисници на оваа услуга, при што, банката му доставува на клиентот корисничко име и лозинка. На корисниците им е овозможено преку архивата да ги следат сите промени на својата сметка до три месеци наназад од моментот кога ќе се вклучат во е-банкарството. Плаќањето се врши на однапред регистрирани сметки на корисникот. Оваа предрегистрација на уплатата на корисникот претставува дополнителна заштита од злоупотреба на електронското банкарство од страна на трети лица. Корисниците можат по пат на пишувани пораки од банките да добијат потребни информации во врска со употребата на е-банкарството. Банката преку најразлични известувања го информира корисникот за сите важни работи кое се неопходни за непречено одвивање на електронското банкарство. За употребата на е-банкарството, банките наплаќаат соодветен надомест. Корисникот може да се откаже од овие услуги преку поднесување писмено барање за престанок на користење на услугите на е-банкарството. Од друга страна, банката може да на корисникот да му го одземе правото на користење на оваа услуга, доколку утврди дека корисникот не се придржува до правилата издадени од страна на банката.

Банките нудат различни услуги од областа на е-банкарството како, на пример:

изводи и дневен промет во внатрешниот платен промет
состојбата на тековните сметки на граѓаните
состојбата на девизните сметки
увид во банкарските регистри
услужни програми
курсна листа итн.
Основни карактеристики на електронското банкарство се:[4]

Индивидуалност
Мобилност
Временска и просторна независност
Флексибилност и интерактивна работа

Предности на електронското банкарство се:

  • клиентот може 24 часа на ден да извршува најразлични видови трансакции, за разлика од ограниченото работно време на банките,
  • од големо значење за клиентите е и временската погодност, кога од одредени причини, клиентите не можат да стигнат во банките за да извршат трансакции,
  • друга предност е и големиот пристап, односно клиентот за да може да ги користи услугите на е-банкарството потребно е да биде поврзан на интернет, со што тој може да извршува трансакции и да биде информиран од секаде во светот,
  • исто така, како предност може да биде и брзината на извршување на трансакциите, со што се намалува времето потрошено на чекање во просториите на банката,
  • преку електронското банкарство, клиентот може да ја изврши својата трансакција за многу краток временски период од само неколку минути
  • тоа им обезбедува приватност на корисниците на услугите.

Истовремено, електронското банкарство им овозможува одредени придобивки и на банките: пред сè, тоа се набљудува како начин на кастрење на трошоците во работењето, бидејќи ја намалува или целосно ја отстранува потребата од изнајмување простории, вработување банкарски службеници итн. Исто така, дури и кога не предизвикува намалување на трошоците, банките нудат услуги од областа на електронското банкарство за да ја одржат конкурентската положба на пазарот, односно заради одржување на постојните и придобивање нови клиенти.