По неколку пролонгирања на датумот, денес беше отворен долгоочекуваниот затворен зелен пазар во Охрид.

Техничкиот прием е направен, а според најавите, на отворањето ќе присуствува и премиерот Зоран Заев.

Во февруари 2017 година започнаа подготвителните активности за дислокација на тезгите и чистење на просторот, за кон средината на јуни да биде поставен темелот на затворениот зелен пазар во Охрид. Современиот затворен зелен пазар е јавно-приватно партнерство. Објектот има подземен паркинг, приземје и три ката, со бруто развиена површина од 6.779 метри квадратни. Изведувач на работите беше претпријатието АД „Илинден“ од Струга, кое беше избрано на тендер.

Првичниот рок за изградба беше 18 месеци, а според изведувачот на работите, местоположбата, која не овозможува отворен фронт за работа била главната пречка за исполнување на преамбициозно зададениот рок уште на стартот на изградбата.

Овој проект општината со децении безуспешно се обидуваше да го реализира поради нерешените имотноправни односи. По расчистување на сопственоста, државата отстапи дел од градежните парцели на кои се гради затворениот пазар.

Вкупната вредност на оваа инвестиција за чија реализација се водеше комплексна и обемна постапка, изнесува околу четири милиони евра.

Со овој проект ЈП „Градски пазар“ Охрид ќе добие 1.230 метри квадратни покриен зелен пазар, опремен со 190 нови тезги кои ќе бидат изработени согласно со ХАСАП-стандардите, потоа 10 подземни паркинг-места, како и деловни простории со површина од 200 метри квадратни. Приватниот инвеститор ќе добие деловни простории од 341,5 метри квадратни на приземјето на објектот, како и целокупните простории на останатите катови, со исклучок на вториот кат, на кој Општина Охрид треба да добие минимум 713 метри квадратни.