Уште еден месец „замрзнатите цени“ остануваат основен браник на граѓаните од инфлацијата. По предлог од Министерството за економија, Владата одлучи да ја продолжи мерката „гарантирана цена на прехранбените производи“ до 29 февруари. Лебот, брашното, оризот, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото и производите од месо, млекото, јајцата, сирењето, кашкавалот и другите млечни производи ќе имаат ограничени цени и овој месец.

Професорот Бранимир Јовановиќ смета дека ова е добра одлука и дека ограничувањата треба да бидат на сила се додека инфлацијата не падне под три отсто.

– Забавувањето на инфлацијата во последниве месеци речиси целосно се должи на овие ограничувања. Во август, пред да се ограничат цените, инфлацијата беше 8,6 отсто
. Откако се донесе мерката, инфлацијата за само неколку месеци падна под четири отсто. Не знам кои се мотивите на владата, може и да се чисто популистички, можеби само сакаат да го смират незадоволството  пред избори, ама дури и да е така, тоа не значи дека мерката е лоша. Грешката на
Владата е што доцна го донесе ова ограничување, зашто 
требаше порано. Но никако не може да се каже дека е грешка самото ограничување, бидејќи очигледно, има ефекти – смета Јовановиќ.

Граѓаните велат дека е добро што има ограничувања, затоа што стравуваат дека без ваква мерка цените може да се качуваат до недоглед.

– Мерката замрзнување на цените треба да продолжи и наредните месеци, бидејќи нè чекаат празници, матури. Јас сум баба на двајца матуранти и ако заштедам на храна, ќе остане и за по дарок –  вели скопјанка.
Нејзина сограѓанка не очекува оваа мерка драстично  да  помогне во заштедувањето  денар повеќе .

– Ако лани можев во торбичкава да ставам некој производ плус, годинава е сè потешко. Морам да признаам,  бидејќи јас пазарам, откако се замрзнати цените на дел од основните прехранбени производи, барем може да се најде млеко, зејтин, шеќер по пристојна цена – вели друга скопјанка.

Таа сака да размислува позитивно.

– Јас сум жена веќе во осмата деценија. Сум видела и арно и лошо. Не е толку, црно сме виделе и полошо. Редици имаше 
за леб и млеко. Сега има избор колку ти душа сака. Посакувам младите да останат тука, продавниците да ни се полни. Тогаш и лебот е повкусен – додава таа
.

И други граѓани што ги анкетиравме велат дека замрзнувањето на цените треба да продолжи барем до крајот на годинава.

– Економист сум и знам дека ланската инфлација беше 9,4 отсто што беше над просекот на ЕУ. Според проекциите, таа ќе се намали во 2024 година. Не смее да се дозволи повторно дивеење на цените, пазарот и трговците ќе мора да се контролираат. Се разбира дека се потребни и други мерки, како што е зголемување на производството и да се намали увозот на храна – вели тој
.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) сметаат дека оваа одлука треба да продолжи и по завршувањето на февруари. И забележуваат на Владата дека „гарантирана цена на прехранбените производи“ е одлука која е донесена еднострано, без социјален дијалог, консултација и активно вклучување на ССМ како единствен репрезентативен синдикат.