Даниел Пешов е млад сточар од Виница кој има 350 грла овци и покрај тоа што е дипломиран економист, овчарството му е семејна традиција која тој со гордост ја продолжил. Вели дека овчарството не е многу популарна гранка за работа меѓу младите поради тешката и обемна работа и поради не толку големата заработувачка. Според него, во сточарството можностите за инвестирање се неограничени, а може да се оствари и голема заработка само ако работата се сфати сериозно. Со оглед на трендовите на изумирање на гранката, Даниел вели дека тие што ќе одлучат да се занимаат со оваа дејност, ќе можат добро да заработуваат

Бројот на сточари во државата секоја година се намалува, а сè помалку млади луѓе сакаат да се занимаваат со оваа работа. Младите масовно се иселуваат од селата и не ги наследуваат родителите во оваа работа, па во иднина со намалување на сточниот фонд може да дојде до намалување на производство на млеко и месо во државата. Даниел Пешов од Виница, кој има 28 години и 350 грла овци, не спаѓа во онаа група на млади луѓе кои среќата ја бараат надвор од државата. Тој е дипломиран економист, кој меѓу другото се занимава и со овчарство. Вели дека, овчарството е семејна традиција која тој со гордост ја продолжил.

Освен со овчарство, Даниел се занимава и со неколку други бизниси и вели дека ништо не е тешко ако се сака. И покрај тоа што е дипломиран економист, работи повеќе работи и се грижи за 350 грла овци кои ги наследил од неговите баба и дедо. За себе вели дека е претприемач, со реализирани неколку бизнис-идеи и храброст за преземање на ризични чекори во бизнисот.

-Овчарството е дејност со која веќе 20 години се занимаваат моите баба и дедо. Па така логично беше јас да ја продолжам работата и да се занимавам со овчарство. Но, како што реков, дека сум личност која сака да презема ризици, така беше и во овој случај. Пред завршувањето на факултетот основав и друга компанија во дејноста посредување при вработување, но никогаш не го заборавив и семејниот бизнис каде што на секој можен начин се обидувам да дадам придонес, вели Даниел.
Според него, работата во овчарството воопшто не е лесна, но предизвикот е голем. И покрај тоа што е мошне млад, тој со задоволство прифатил да ја продолжи семејната традиција.

-Со оглед дека станува збор за работа со жива стока, каде што човек не може да го креира работното време според своите желби туку според потребите на овците, можеме да кажеме дека овчарството бара голема жртва. Откупната цена во последните години е многу ниска и често ние сточарите знаеме да кажеме дека не ги покрива ниту трошоците за производство. Но и покрај ниската цена кога се одгледува поголем број грла, секако профитот не е занемарлив, вели нашиот соговорник.

Моментално неговото стадо брои 350 грла, а само пред неколку години тоа имало 800 грла, но поради недостаток на овчари, морале да го намалат.

-Овчарството не е баш многу популарна гранка за работа меѓу младите. Од една страна поради тешката и обемна работа, а од друга страна поради не толку големата заработувачка. Исто така, младите не сакаат да се занимаваат со овчарство поради миризбата на шталите и овците и поради лошиот имиџ на овчарите. Младите денес сè повеќе сакаат да работат канцелариска работа, каде што има помалку работа и работата е почиста, вели Даниел и додава дека секоја работа од која се заработува е добра и не е навредлива.
И тој како и другите сточари го истакна проблемот со работна сила, вели дека тешко е да се најде овчар, бидејќи и покрај високата плата никој не сака да ја работи оваа професија.

-Како што знаеме проблемот со наоѓање на работници во голем број дејности во државата е сè повеќе изразен, па така и овчарството не остана имуно на тие трендови. Претежно овде се ангажираат нискоквалификувани работници кои, може да се каже, дека ги има многу на пазарот, но сепак интересот е мал. Во моментот, во целиот сектор во државата има голем број овчари кои доаѓаат од Албанија. Иако и овчарите треба да бидат обучени и соодветни за работата да знаат да се грижат за стадата соодветно, не можеме да се пофалиме дека располагаме со таков кадар, истакнува нашиот соговорник.

Тој додава дека никој не сака да биде овчар. Повеќето што досега работеа кај нас заминаа за Германија. Покрај ниската откупна цена и немањето овчари е еден од факторите поради кој се намалува и бројот на овци во државата.

-За некој да почне да се занимава со оваа дејност, пред сè треба да биде свесен во што се впушта. Треба да има барем основно познавање од одгледување и грижа за животни. Секако потребна е и љубов кон животните, бидејќи најголемиот дел од времето ќе мора да го поминува со нив. Оваа работа може да биде многу примамлива за луѓе кои ја сакаат природата и кои сакаат поголем дел од времето да бидат во природа. Овде работата е со помал стрес во споредба со некои други професии. Започнувањето на бизнисот може да се направи со минимални вложувања, но доколку некој сака да го прошири бизнисот во производство на млеко и млечни производи и да биде рентабилен и профитабилен мора да вложува многу. Потребни се поголеми вложувања во целокупниот процес на производство на храна, одгледување на животните, обработка на млекото, производство на млечни производи, дистрибуција…, објаснува Даниел.

Тој вели дека во сточарството можностите за инвестирање се неограничени, а исто така може да се оствари и голема заработувачка само ако работата се сфати сериозно.

-Би им препорачал дека ако не се сигурни со што да се занимаваат или можеби во што да инвестираат, да преземат иницијативна и храброст и да се впуштат во работа во секторот овчарство. Со неколку годишна паметна работа можат да обезбедат стабилна и солидна заработувачка за себе и своите семејства. Освен заработувачката секогаш ќе имаат на дофат здрава и квалитетна храна, млечни и месни производи и ќе придонесат за развој на биодиверзитетот. Со оглед на моментална криза за енергенси и храна во светот, ќе бидат безгрижни за тоа од што и како ќе егзистира фамилијата, вели Даниел.

Според него, со оглед на трендовите на изумирање на гранката, тие што ќе одлучат да останат во државата и да се занимаат со оваа дејност, ќе можат добро да заработуваат.