Овоштарите директните плаќања ги добиваат по 4 основи. Парите се наменети за одржување на овоштарниците, за предаденото овошје во домашните преработувачки капацитети и за подигнување на насади со нови сорти. Право на субвенции имаат и производителите на домашни овошни садници…
Корисници на финансиската поддршка во овоштарството се земјоделските стопанства кои имаат насадени површини од минимум 0,2 хектари збирно за сите видови овошки.
Субвенцијата изнесува 12.000 денари по хектар која скалесто се намалува доколку се пријавени поголеми површини.
За јаболковите насади од 1 до 5 хектари, овоштарите имаат право до 38.000 денари по хектар, а за слива и за праска до 30 600. До 27.600 денари ќе добиваат одгледувачите на круша, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка.
Помала субвенција ќе добиваат одгледувачите на дуњи, мушмули, калинка, смоква, маслинка, бадем и лешник, од 13 до 18. 000 денари, а за оревите и костените годинава ќе се добиваат субвенции од најмногу 6.000 денари за хектар.
За предаденото овошје во преработувачките капацитети директно или преку регистриран откупувач од 26-ти декември 2021 до декември годинава ќе се добиваат по 3 денари за килограм. За производителите на домашни овошни садници субвенцијата е од 35 до 40 денари во зависност од категоријата на сертификација.