Геополитичките тензии се сметаат за најголема закана за Европа на краток рок, покажува неодамнешното глобално истражување на Oксфорд Економикс на 127 компании, објави Катимерини. Околу 36 отсто од бизнисите се изјасниле дека геополитичките тензии, како што се прашањата за Тајван, Јужна Кореја и односите Русија-НАТО, се најголемата закана за економијата.
Спротивно на тоа, во слична анкета во април, речиси половина од испитаниците сметаа дека најголемиот ризик произлегува или од заострувањето на монетарната политика или од избувнувањето на широка финансиска криза. Иако деловните субјекти и понатаму сметаат дека високата инфлација е сериозен и забележлив ризик на краток рок, но сега изгледаат пооптимистички за нејзината деескалација.
„Бизнисите очекуваат инфлацијата да достигне 3,7 отсто во 2024 година, 0,2 отсто пониска од нашата најнова прогноза“, рече Џејми Томпсон, автор на истражување во Oксфорд Економикс.
„Прогнозите за инфлацијата на среден рок значително паднаа, со што се поништија зголемувањата забележани во изминатите две години“, додаде Томпсон.
Истражувањето, исто така, се чини дека ја намалува загриженоста за ризиците за банкарскиот систем. Но, околу 30 отсто од испитаниците сè уште веруваат дека најголем ризик во наредниот период е заострувањето на условите за кредитирање или избувнувањето на широко распространета финансиска криза на меѓународно ниво, како што објавија маниривју и ЦНБЦ. Сепак, гледајќи напред кон следните пет години, геополитичките тензии исто така се сметаат за клучен ризик за глобалната економија од 60 отсто од испитаниците.