Европските берзи утрово се во минус, а расположението на инвеститорите е натежнато од тврдоглавата инфлација во Германија, падот на кинескиот увоз и извоз и одлуката на италијанската влада да воведе дополнителен данок на банките од 40 отсто.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 беше во минус од 0,24 отсто околу 10 часот. Истовремено, германскиот DAX падна за 0,26 отсто, на 15.910 поени, лондонски Ftse за 0,16 отсто, на 7.542 поени, а париски CAC за 0,17 отсто, на 7.306 поени.
Најмногу под притисок беше индексот на италијанската берза, кој потона за 1,4 отсто, поради падот на цените на акциите на италијанските банки Intesa SanPaolo и Unicredit за повеќе од пет отсто.
Ова е резултат од најавата на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини дека дополнителното оданочување на прекумерната банкарска добивка со стапка од 40 отсто ќе ги финансира даночните намалувања и ќе ги поддржи оние што ќе земат заем да го купат својот прв дом.
Инфлацијата во Германија го намали DAX
Цените на другите европски банки исто така беа под продажен притисок и паднаа во просек за 1,8 отсто бидејќи Moody’s го намали рејтингот на 10 помали американски банки и предупреди дека тоа може да влијае и на некои големи банки во САД. Германскиот DAX, пак, се најде под притисок по објавувањето на податоците за инфлацијата во таа земја во јули од 6,5 отсто на годишна основа.
Инвеститорите ги загрижи и податоците за падот на кинескиот извоз и увоз во јули, што ги доведува во прашање перспективите на втората по големина светска економија, поради што акциите на рударските и автомобилските компании се најдоа на удар.
На токиската берза индексот Nikkei во вторникот порасна за 0,38 отсто, на 32.377 поени.