Девизниот курс на еврото во понеделникот забележа пад во однос на доларот, продолжувајќи ја низата на пад од шест дена по ред, под притисок од најновиот пад на приносот на обврзниците во еврозоната како резултат на дополнителното олабавување на монетарната политика.
Дополнителен притисок предизвика и затегнатоста во односите на Грција со своите партнери во еврозоната за планот на мерки за реформи во пресрет на состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 24 април, кога треба да се разгледа прашањето во врска со понатамошното финансирање на Атина.
Вредноста на еврото во ваква атмосфера во однос на доларот ослабна за 0,4 проценти на 1,0561 $. Вредноста на доларот со сличен процент на добивка е и во однос на јенот, зајакнувајќи на 120,64 јени.
Британската фунта, падна на ново најниско ниво во последните пет години од 1,4567 $, пред најнеизвесните парламентарните избори во Британија во последниве децении. Дополнителна тежината имаат и податоците објавени минатата недела за индустрискиот сектор кои се послаби отколку што се очекуваше.
Вниманието на инвеститорите е привлечено и од прогнозите на Светската банка за економиите во развој од Источна Азија и Кина, кои се намалени. Притоа предупредија на сериозни ризици поврзани со неизвесноста на глобално ниво. Кинескиот извоз во март падна за неочекувано силни 15 проценти, најмногу во година дена, а намален е и увозот за 12,7 проценти, што е негов најголем пад во шест години, посочувајќи на слаба домашна побарувачка.