Зголемените трошоци за енергија и за живот, помогнаа да се активира рецесијата која ги откри економските слабости во Германија. Во меѓувреме, зголемената нееднаквост меѓу луѓето го поттикнува повторното оживување на екстремно десничарските политички сили во земјата.
По врвот на 11,6 отсто во октомври минатата година, инфлацијата во најголемата европска економија би можела да се намали до 6,4 отсто овој месец, според истражувањето на Блумберг и на аналитичарите. Но, растот на цените на сите производи, од бензин до путер, како и енормното зголемување на каматите, се болни и упатува на тоа дека историјата ќе се повтори, а пренесува Макфакс.
Традиционалната аверзија на Германците кон инфлацијата, вкоренета во тешкото искушение од 1920-тите, оживеа минатата година, откако малку се намали во претходниот период, покажаа анкетите.
Како и пред еден век, економските тешкотии што следеа се покажаа како плодна почва за популизам. Поддршката за германската АфД се искачи на рекордно високо ниво во последните месеци, позиционирајќи ја крајно десничарската партија пред централно-левичарските Социјалдемократи (СПД) на канцеларот Олаф Шолц.
Според Марсел Фрацшер, кој го предводи истражувачкиот институт DIW, симпатизерите на АФД се особено незадоволни од нивните животи и од економијата. Бидејќи германското производство стагнира, работите би можеле да станат уште полоши, велат аналитичарите.
За сиромашните, скокот на инфлацијата беше особено изразен во трошоците за храна – кои сочинуваат поголем дел од нивните трошоци за разлика од побогатите домаќинства.
Во Франкфурт, банката за храна „Франкфуртер Тафел“ беше сведок на катастрофата од прва рака. – Еднаш остана само еден кромид и три моркови, а чекаа четири семејства, кои потоа почнаа да се караат за сè, рече портпаролката Нилаб Алокузај-Кисингер, гледајќи во празните полици на магацинот.
Инфлацијата би можела дополнително да се забави, но цените веројатно нема да паднат. Постои разбирање дека вкупната инфлација се намалува, изјави претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, за „ТВ Блумберг“ минатата недела. – Често е случај кога е потребно повеќе време за да се намали базичната инфлација. Тоа би можело да биде можно сценарио. Но, треба да почекаме за септемвриските бројки, додава тој.
Во исто време, владата ги намалува мерките за поддршка кои им помогнаа на граѓаните да ги задржат сметките за парно со пониски цени откако војната во Украина ги зголеми цените на енергијата.
Шолц е оптимист дека инфлацијата може да се надмине, оценувајќи ја Германија како „совршено способна да ги надмине проблемите на новото време“. Иницијативите вклучуваат брза инсталација на терминали за течен природен гас за да се намалат трошоците за енергија и инвестиции во зелена транзиција за да се задржи електричната енергија евтина за индустрискиот сектор кој претходно стана зависен од евтиниот гас од Русија.
Канцеларот за подемот на АфД изјави: – Нема да можеме да избегнеме да заземеме став и да кажеме дека ја браниме демократијата и слободата што ги постигнавме, рече Шолц претходно овој месец.
Во музејот во Франкфурт посетителите учат за опасностите од печатењето пари, а меѓу нив е и Клаус Мур, пензионер кој дома чува кутија со милиони обезвреднети марки на својот дедо. – Се надевам дека овојпат нема да биде така, вели тој.