Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд ќе препорача на раководството на оваа финансиска институција да одобри 200 милиони евра финансиска поддршка за Северна Македонија од Програмата за претпазливост и ликвидност на ММФ, соопшти денес првиот човек на Мисијата на ММФ за нашата земја, Жак Миниан, на заедничка прес конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими. Одобрувањето на овој аранжман од страна на Бордот на ММФ се очекува да биде на 21 декември годинава, а Владата има намера до повлече 150 милиони евра, додека другиот износ треба да служи како буџетска резерва. Од ММФ исто така порачаа дека иако наредната 2024 година е изборна, сите чинители во општеството треба да се воздржат од давање нереални ветувања за кои нема финансиска подлога да се остварат.
Договорот за финансиска поддршка на земјава е резултат на ревизијата на макроекономските политики што редовно се прави од страна на ММФ за земјите членки, во рамки на таканареченото Поглавје 4.
Миниан, на кого наскоро му завршува мандатот како шеф на Мисијата на ММФ за нашата земја, на прес конференцијата упати неколку важни пораки, како за политичарите, така и за другите чинители во општеството, како и за граѓаните.
Покрај основната вест дека е постигнат договор за финансиска поддршка од 200 милиони евра, Миниан рече дека очекува да се забрзаат економските активности како што се навлегува во 2024 година. Во тие рамки тој посочи дека за растот ќе придонесе и изградбата на Коридорите 8 и 10 д, односно проектот да се забрза, а како што ќе започне изградбата, тоа ќе ги стимулира економските активности.
„Моментално предвидуваме 3,2 проценти раст оваа година и 3 отсто раст наредната година“, рече Миниан.
Третата порака е дека фискалната политика, буџетската политика и бројките во буџетот се добри и одат во вистинска насока. Миниан е уверен дека надлежните ќе ги запазат проекциите за дефицит од 4,5 милијарди денари годинава, дури и дека постои можност тој да биде и помал, што секако е добра вест.
„Целосно ги поддржуваме намерите на Владата да се донесе буџетот за 2024 година и во насока буџетскиот дефицит да биде 33-34 милијарди денари“, рече Миниан додавајќи дека органскиот Закон за буџети наметнува ограничување на дефицитот од 3 отсто, и треба постепено да се приближиме до тој процент.
Второ, како што посочи, живееме во несигурни времиња и важно е за економијата да изгради заштеди, да има резерви во случај на глобална криза, локална криза или поради некоја друга причина.
Последната причина, како што нагласи, е што инфлацијата се намалува, но од ММФ сакаат таквиот тренд да продолжи и инфлацијата да се намалува. Затоа е важно фискалната политика да биде усогласена со монетарната за да се оствари оваа цел.
„Знаеме дека претстои изборен период и во тој период е важно сите делови во општеството, значи Владата, политичките партии, приватниот сектор, синдикатите… да избегнувате големи ветувања за кои моментално нема средства“, рече Миниан.
Тој сфаќа зошто Колективниот договор е одобрен бидејќи е важно да се зголемат платите за да ја стигнат инфлацијата, како и дека буџетот за 2024 година има доволно средства да се покрие Колективниот договор, но како што нагласи, не треба да се даваат нови ветувања, нови покачувања бидејќи тоа би било лошо за буџетот, но и за инфлацијата.
„Инфлацијата се намалува и навистина е важно да се врати на целта поставена од Народната банка,. За намалувањето постојат секако глобални фактори, се намалуваат цените на енергијата и храната, но уште поважно е што централната банка ги заостри политиките. Девизниот пазар е стабилен, рамката на Народната банка е цврста и централната банка има инструменти да испорачува резултати“, рече Миниан.
Шефот на Мисијата на ММФ за нашата земја посочи дека растот на платите бил 15 проценти, и дека е важно да се избегне ситуација во која што растот на платите би можел да се преточи во инфлација и инфлацијата која моментално се намалува, повторно да почне да се зголемува.
„Разговаравме со Нардоната банка, тие не уверија дека во случај да почне да расте инфлацијата, се подготвени да преземат соодветни активности“, рече Миниан.
Петтата порака која што рече дека е особено важна, е дека банките во Македонија се здрави, дека добро ги провериле, ликвидни се, профитабилни, и дека не се загрижени за финансиската стабилност.
„Се согласуваме со централната банка дека сега кога банките работат профитабилно, дека сега е моментот да се затегнат обврските за капитал и банките да создадат резерви“, рече Миниан.
На крај, тој нагласи дека е особено важно за земјата да го забрза економскиот раст бидејќи тоа е клучниот фактор приходите во Македонија да се доближат до оние во Западна Европа. Тој процес функционирал многу добро од 2000 до 2010 година, а оттогаш не толку добро.
„Значи потребни се политики да се зголеми продуктивноста и да се зголемат инвестициите. Затоа е важно да оставиме простор во Буџетот за капитални трошоци“, рече Миниан, додавајќи дека ако се гледаат капиталните трошоци оваа година ќе бидат на историско високо ниво. „Инфраструктурата е многу важна, добро е да се изградиме, но треба да оставиме и простор за резерви“.
Покрај овие пораки, остануваат и генералните препораки за земјата дека постои простор да се подобри владеењето на правото, да се подобрува образованието, развојот на вештините.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими ја образложи одлуката зошто земјата се решила да побара поддршка од ММФ, а не од финансиските пазари.
„Како суверена земја имаме право на одлука што ќе правиме со сопствената иднина. Кога се справувавме со кризата од КОВИД, енергетската, инфлациската, геостратешките војни и многу други предизвици, бевме пред избор на опции кои што ни беа нудени како да го финансираме растот и како да се финансираат антикризните мерки и шокот со кој се соочувавме“, рече Бесими.
Според него изборот бил да се оди на меѓународните пазари, што ќе не чинеше многу и ќе ги оптовареше сегашните и идните генерации, односно ќе се плаќаше повеќе за камати.
„Во такви услови пристапивме кон ММФ за да го подобриме нашиот кредитен рејтинг, и да создадеме поповолни услови за тоа што сакаме да го постигнеме, а тоа е да имаме одржливи јавни финансии да имаме солидна макроекономска основа и да создадеме здрави основи за раст“, рече Бесими.
Тој рече дека преговорите со ММФ биле исклучително тешки, но дека склучениот договор минатата година бил основа која отвори многу можности.
„На претходниот прес кажавме дека генериравме дополнителни 500 милиони евра во Буџетот со поволни услови, рок на отплата од десет и повеќе години, со четири и повеќе години грејс период , со каматни стапки што се на половина од оние на меѓународните финансиски пазари. Или, претворено на годишно ниво, тоа се речиси 30 милиони евра или на период на доспевање на овие заеми, тоа се околу 300 милиони евра за десет години кои може да градиме школи, болници, автопати…“, рече Бесими.
Но, за тоа да се постигне, како што посочи, од ММФ било укажано дека се неопходни конзистентни политиките и да се опстои на политиката за фискална консолидација, намалување на буџетскиот дефицит, обезбедување на бафери, но и да се овозможи здрава основа за капитални расходи и за раст, како и да се заштити стандардот на граѓаните.
Тој додаде дека резултат на ова е постигнатиот договор со Мисијата на ММФ, а тоа за тоа да се постигне услов било да се усвои Буџет со 3,4 отсто дефицит, што е значително намалување во однос на дефицитот годинава.
„Ако споредиме од КОВИД кризата кога дефицитот беше 8 отсто од БДП и кога имавме рецесија од 4,7 отсто, денес зборуваме за тренд за забрзување на растот. Инфлацијата е веќе едноцифрена, наредната се очекува да биде 3,5 отсто, се стабилизираат очекувањата и се создаде основа за раст. Сето ова создава солидна основа за добар кредитен рејтинг на земјата“, рече Бесими.