Петстотините најбогати луѓе на светот од почетокот на оваа седмица загубија вкупно во 128 милијади долари, поради падот на американските берзи, во петокот објави агенцијата Bloomberg врз основа на податоците од својата „листа на милијардери“, којашто ја обновува во реално време од почетокот на котираните пазарни активи.
Како што пишува агенцијата, повеќе од кои било други, падот на берзата имал влијание врз американските милијардери кои загубиле 55 милијарди долари. Притоа, вредноста на имотот на челникот на инвестицискиот фонд „Berkshire Hathaway“, Ворен Бафет, од 26-ти февруари до денеска се намалила за 3,74 милијарди, на основачот на Facebook, Марк Цукерберг, за 3,72 милијарди, првите луѓе на холдингот „Alphabet“, Лари Пејџ и Сергеј Брин загубиле 3,1 милијарди долари. Основачот на шпанскиот текстилен концерн „Inditex“ и на брендот „Zara“, Амансио Ортега во истиот период загубил 2,5 милијарди долари
Клучните берзански индекси на њујоршки Волстрит во четвртокот забележаа пад, трет ден по ред, како реакција на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за зголемување на увозните царини за челикот и алуминиумот. Така индустрискиот индекс Dow Jones го затвори тргувањето во четвртокот за 1,68 отсто, на 24.608 поени, додека индексот кој ги вклучува 500-те најголеми американски компании S&P 500 се лизна за 1,33 проценти, на 2.677 поени, а Nasdaq индексот падна за 1,27 отсто, на 7.180 индексни поени.
На почетокот од февруари големиот пад на американскиот пазар на акции на 6-ти февруари доведе до тоа 500-те најбогати луѓе во светот да загубат вкупно 114 милијарди долари во само еден ден, покажа тогаш индексот Bloomberg Billionaires Index.
И тоагаш најмногу од ваквите флуктуации на пазарот на акции настрада челникот на ивестициската компанија „Berkshire Hathaway“, Ворен Бафет, чиешто богатсво во еден ден се намали за 5,1 милијарди долари. Основачот на најголемата социјална мрежа Facebook, Марк Цукерберг, пак, загуби 3,6 милијарди долари, додека основачот на најголемиот светски онлајн-трговец Amazon, Џеф Безос, беше трет според загубата поради потопот на њујоршки Волстрит, и загубил 3,3 милијарди долари. Соосновачите на компанијата којашто го поседува водечкиот интернет пребарувач Google, Лари Пејџ и Сергеј Брин загубиле по 2,3 милијарди долари, додека основачот на технолошкиот гигант „Microsoft“, Бил Гејтс, останал покус за 2,25 милијарди американски долари.