Светските медиуми јавуваат дека паничното купување повторно зафаќа некои европски земји. Како што наведуваат, две години по пандемскиот недостиг, конфликтот во Источна Европа предизвикува нов бран на акумулација на храна.
Цените на лебот, тестенините и месото веќе растат во Италија, која увезува голем дел од пченицата од Источна Европа и 80 % од сончогледовото масло од Украина, како и големи количини пченка што се користи за добиточна храна. Во Милано леб моментално чини и до 8 евра за килограм, а во ноември за тоа требаше да се издвојат во просек по 4,25 евра. Според еден британски магазин, Италијанците се жалат дека лебот, кој отсекогаш бил храна за сиромашните, станал „луксуз“. Тоа е причината што граѓаните одлучуваат да направат залихи на брашно за да можат сами да го испечат и да заштедат пари.
Германските трговци беа принудени да ја намалат продажбата на масло за јадење во обид да спречат уште еден круг складирање залихи. Инаку, добро снабдените маркети имаат „голи полици“, каде најчесто се чува брашно и масла за јадење. Германските потрошувачи се жалат дека им било дозволено да купат само едно шише сончогледово масло.
– Ве молам, покажете солидарност, мислете на соседите и воздржете се од непотребни залихи – напишале трговците пред супермаркетот „Пени“ во Франкфурт.
Супермаркетите во Турција, каде што домаќинствата веќе се борат со наглата инфлација, го распродадоа сончогледовото масло откако насловите на весниците предупредија дека земјата може да се соочи со недостиг. Шпанскиот министер за земјоделство предложи, наместо да паничат да купуваат сончогледово масло, граѓаните да ги намачкаат тавите со маслиново масло, производ што неговата земја го извезува повеќе од два милениума.
Во Албанија е испратен апел до локалната управа да ја намали потрошувачката на струја за јавно осветлување.
ГЕРМАНСКИ МИНИСТЕР: ЈАДЕТЕ ПОМАЛКУ МЕСО
Лидерите на ЕУ најдоа решение за проблемот со порастот на цените на храната и снабдувањето со енергенси. Едноставно, потрошувачите во овие високо развиени земји треба да се воздржуваат, да ја намалат потрошувачката на храна и греење.
– И покрај тоа што сум вегетаријанец, нема да проповедам дека сите треба да бидат еден – изјавил германскиот министер за земјоделство Џем Оздемир. – Но, да го кажеме ова, јадењето помалку месо би било придонес во борбата против Путин.
Тоа беше неговиот одговор за „Шпигел“ на прашањето дали Германија ќе мора да ги зголеми резервите на житни култури за јавна потрошувачка.
Министерот за надворешни работи на ЕУ Џозеп Борељ неодамна ги повика Европејците помалку да го користат системот за греење, за да ја пресечат папочната врвца со Русија.
АВСТРИСКА ПЕКАРНИЦА ПРОДАВА ДОЛГОТРАЕН ЛЕБ ОД КОНЗЕРВА
Бумеранг ефектот на санкциите на Западот кн Русија, Австрија се обидува да го надмине меѓу другото правејќи леб во конзерва. Рокот на траење на овој леб, кој е мешавина од повеќе видови житарки, е најмалку десет години.
Единствениот производител на конзервиран леб во оваа земја, кој го патентирал производот, е под огромен притисок поради зголемената побарувачка. Стравот на Австријците од недостиг на храна и можна глад доведе до вештачки скок на побарувачката.
– Секојдневно добиваме по околу 300 нарачки од граѓани, а дополнително имаме обврски по претходно склучени договори за набавка на продавници – велат во пекарницата „Дајзер“ од Баден и додаваат дека нивните погони се отворени по 16 часа за време на викендите.
Веќе на почетокот на пандемијата на корона вирусот, пекарницата беше преплавена со нарачки, а со војната во Украина нивниот број дополнително се зголеми.