Совршената економска бура која го погоди светот и нас во Македонија, а е предизвикана од пандемијата, скапа електрична енергија, инфлација и безбедносна криза во Украина, полека кај граѓаните се претвора во борба за секој денар. Според последните податоци на Управата за јавни приходи, заклучно со 23. мај 2022 година, скоро 12% (или точно 11,7%) од вработените во приватниот сектор немаат земено плата.
„Заклучно со 23 мај 2022 година, за месец април 2022 година МПИН пресметката не ја платиле 9,215 работодавачи за 31,372 вработени лица работодавачи, додека 5,426 работодавачи за 12,352 вработени лица воопшто не поднеле и не платиле МПИН пресметка за месец април 2022 година“, велат од УЈП
Ако се земе во предвид дека во Македонија за април требаше да се исплатат 504.421 плати, иако од оваа бројка се одземаат платите на 132.088 лица вработени во јавниот сектор за кои секогаш има пари за плати, ќе се види дека 43.724 од 372.333 вработени во приватните фирми не земале плата.
ПРАГОВИ | БРОЈ НА ВРАБОТЕНИ КАЈ СИТЕ РАБОТОДАВАЧИ СО ВКЛУЧЕН ЈАВЕН СЕКТОР |
---|---|
1-15.194 денари | 3,252 |
15.195-17.999 денари | 6,181 |
18.000 денари | 48,431 |
18.001 -20.000 денари | 87,975 |
20.001 – 29.145 денари | 195,453 |
над 29.146 денари | 163,129 |
ВКУПНО | 504,421 |
Извор на податоци: Управа за јавни приходи (УЈП)
Но, затоа вработените во јавниот сектор може да бидат комотни. И со ребалансот на буџетот им се загарантирани платите. Според податоците, за годинава во буџетот се планирани дополнителни 36,1 милиони евра или вкупно 540,3 милиони за плати и надоместоци.
РАСХОДИ ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ ВО БУЏЕТ
2019 Г. | 2020 Г. | 2021 Г. | 2022 Г. |
---|---|---|---|
451,3 | 484,1 | 504,2 | 540,3 |
Износите се во милиони евра. Извор на податоци: Управа за јавни приходи (УЈП)
Ова значи дека годинава ќе има за 7,15 насто повеќе пари во буџетот за плати и надоместоци во споредба со лани, а ако се спореди 2022 со 2019, која е последна пред кризна година, ќе се види дека овие издатоците пораснале за скоро една петина, поточно за 19,7%.
Додека парите за плати и надоместоци во јавниот сектор растеа во 2020, 2021 и 2022, економијата, значи бруто домашниот производ дури годинава се очекува да го достигне нивото од 2019. Падот на БДП во 2020 година од -6,1% би требало да се анулира годинава, бидејќи лани имавме раст од 4% според проценките на Државниот завод за статистика, додека според Народната Банка на Македонија, растот на домашната економија годинава би бил само 2,9%.
Но, ако се споредат колку се зголемувале буџетите во однос на претходните години во однос на растот на парите што се потребни за плати и за надоместоци во јавниот сектор, ќе се види дека во оваа 2022 година процентот на зголемување на буџетот и на издатоците за плати и надоместоци е скоро идентичен. Во изминативе три години, секогаш зголемувањето на буџетот бил поголем од процентуалното зголемување на издатоците за плати.
РАСТ НА БУЏЕТ ВО ОДНОС НА ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА ВО ПРОЦЕНТИ (%)
2020 Г. | 2021 Г. | 2022 Г. |
---|---|---|
+10,77% | +6,3% | +7,34% |
Извор на податоци: Управа за јавни приходи (УЈП)
РАСТ НА СУМА ЗА ПЛАТИ И НАДОМЕСТОЦИ ВО ОДНОС НА ПРЕТХОДНАТА ГОДИНА ВО ПРОЦЕНТИ (%)
2020 Г. | 2021 Г. | 2022 Г. |
---|---|---|
+7,29% | +4,15% | 7,15% |
Извор на податоци: Управа за јавни приходи (УЈП)
Оваа година, ќе запре и трендот од минатите две години кога опаѓаше уделот на платите во структурата на буџетот. Според податоците, во 2019 година, 12,1% од парите во буџетот беа за плати и надоместоци, додека во 2020, 11,7%, а лани 11,5%. И оваа 2022 уделот на овие пари ќе остане на 11,5% од буџетот.
Инаку, дека е опасно зголемувањето на платите во јавниот сектор, предупредија од Светската Банка кои за „Самопрашај.мк“ изјавија дека ова може да ја подгрее инфлацијата.
„Зголемувањето на платите на јавната администрација ќе бара или собирање повеќе даноци или зголемување на долгот за покривање на новите обврски за трошење. Во ситуации како оваа, каде што фискалната ситуација е веќе тешка, секое зголемување на долгот веројатно би ја зголемило премијата за суверен ризик и со тоа и трошоците за задолжување за сите актери во економијата. Исто така, порастот на платите над стапката на инфлација и без пропорционален пораст на продуктивноста би довел до натамошен пораст на инфлацијата.“
Ова е за буџетот кој си е прилагоден да си ги заштити платите во јавниот сектор. Ако се вратиме на податоците на УЈП за висината на платите во државава, се доаѓа до поразителен податок. Скоро 29% од вработените земаат плата до 20.000 денари или нешто повеќе од половина вредност на Синдикалната минимална кошничка која во април изнесуваше 38.104 денари.
Ако на оваа бројка се додадат и работниците кои што земаат плати до 29.145 денари, се добива застрашувачкиот податок дека платите на 67,6% од вработените се далеку од потрошувачката кошничка за четиричлено семејство. Продолжението на текстот на следниот линк