Според нашите соговорници, државата не презема ништо за да го зголеми производството на струја и со тоа да не ја зголемува цената, туку само нешто воведува, некакви мерки, па нешто враќа… од што на крајот речиси никој нема корист. Тоа не е концепт за изградба на енергетска стабилност и независност. Македонија нема стабилна енергетска политика со години, не донесовме енергетски биланс, кој се носи секоја година и со кој се прават предвидувања за тоа колку гас, јаглен, дрва или електрична енергија ќе ни бидат потребни, велат енергетските експерти.
Субвенционираната струја како повод
До 1 јули ќе има субвенција од страна на Владата директно преку ЕСМ со утврдување на нејзината цена по која актуелно се продава електричната енергија и нема да има зголемување на цената во првиот и вториот блок.
– Струјата за граѓаните ќе биде субвенционирана до 1 јули – изјави министерот за економија Крешник Бектеши, најавувајќи промена во моделот на субвенционирање.
Сепак, Бектеши ги уверува граѓаните дека поскапување на струјата нема да има ниту во втората половина од годинава, а субвенционирањето ќе продолжи, но висината ќе зависи од месецот и потрошувачката.
– Инвестицискиот бум со фотоволтаиците е причината што во одреден дел од денот има вишоци на струја, па затоа е вратена евтината тарифа. Но, проблем се зимските месеци, кога земјава помалку произведува. Една од причините се застарените капацитети, во кои мора да се вложува – вели Бектеши.
Експертите предупредуваат дека државните електроцентрали, кои се најголем производител на струја кај нас, се соочуваат со сериозни предизвици.
– Ако се продолжи со темпо на неградење и неинвестирање, ЕСМ ќе го загуби своето место – предупредува директорот за развој и инвестиции во оваа компанија Виктор Андонов.
Според него, сега е моментот за изградба на гасни електроцентрали.
Во текот на енергетската криза, земјава се сврте кон домашно производство, па иако на светските берзи цената на струјата беше многу висока, кај нас не достигна енормно висока цена. Во тек е изборот на нов универзален снабдувач, што, според експертите, може дополнително да ја намали цената. Сепак, на земјава итно ѝ требаат инвестиции во нови производствени капацитети, кои ќе ги заменат постојните, кои се стари и по четири децении и кои често имаат испади. Најголемиот производител РЕК Битола деновиве работеше само со еден блок.
Според енергетскиот експерт и професор Константин Димитров, државата не презема ништо за да го зголеми производството на струја и да не ја зголемува цената, туку само нешто воведува, нешто враќа…од што на крајот речиси никој нема корист.
– Парите што им ги даваат на граѓаните како субвенции за струја се пари што се собрани од граѓаните. Суштината е дека не му даваат ништо на народот, тие пари се нивни, државата ги зема од граѓаните и од фирмите. Да не заборавиме дека дел од овие пари потрошија и да си ги зголемат платите, да вработуваат до недоглед, а на граѓаните им ги зголемија сметките за струја за речиси 10 отсто со враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто – објаснува Димитров.
Како што вели тој, Македонија со години нема стабилна енергетска политика, не донесовме енергетски биланс, кој се носи секоја година и со кој се прават предвидувања за тоа колку гас, јаглен, дрва или електрична енергија ќе ни бидат потребни.
– Тоа што ни се случува апсолутно е пропуст на државата, затоа што нема институции што размислуваат или собираат информации, ги анализираат и предвидуваат. Аналитичките институции се грижат да соберат информации и да проектираат случувања, ама кај нас се размислува за два дена напред, а не за десет години напред. Владата одеше на систем „купи ден, продај“ за да остане подолго на власт, бидејќи во надворешната политика не се остварија очекувањата, и тогаш тие заборавија на економијата, на енергетиката, заборавија дека енергетиката е локомотива што го движи економскиот развој. Со децении не се инвестира, не се анализира што нѐ чека во иднина – посочува Димитров.
И според професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, мерката за субвенционирање на електричната енергија за граѓаните е од нивни пари и станува збор за популистичка мерка со јасна заднина.
– Рокот до 1 јули само го потврдува претходното, иако не е спорно дека во летните месеци производството на струја од фотоволтаични централи има одредено влијание. Што се однесува на покривањето на потребите за електрична енергија во зимските месеци, и не само тоа, проблемот е познат од поодамна. Не е никаква новост ако повториме дека расположливите производствени капацитети во земјава се стари. Сега не е вистински момент за изградба на гасни термоцентрали, затоа што вистинскиот момент е зад нас веќе неколку години. Тие досега требаше веќе да бидат во функција, во Битола, во Скопје, а зошто да не и во Неготино (патем, котлите во ТЕЦ Неготино се проектирани и изведени и за работа на природен гас, а не само на мазут) – смета Филкоски.
Како што вели тој, многу покоректно е да се каже дека сега е крајно време за почеток на изградба на гасни централи, и не само тоа туку треба да бидат изградени и гасни интерконектори со Грција и со Србија, па и со другите соседи.
– Сега сме доведени во апсурдна ситуација да располагаме со закуп на капацитет во терминал за втечнет гас во Грција, а да ни се јавуваат сериозни тешкотии да го донесеме гасот во Македонија. Дополнително, ако и кога ќе го донесеме, проблем ќе биде неговото пласирање, односно потрошувачка, поради немањето нови термоенергетски капацитети на природен гас. Меѓутоа, во повеќе наврати се покажа дека политичарите не се интересираат за реалните проблеми на народот и на државата, туку таквите прашања ги отвораат само во одредени (предизборни) моменти – потенцира Филкоски.