Пејпал се приклучи на пазарот на криптовалути во средата, дозволувајќи им на клиентите да купуваат, продаваат и да држат биткоини и други виртуелни монети користејќи онлајн паричници на компанијата за дигитални плаќања.
Корисниците на Пејпал исто така ќе можат да користат крипто-валути за да купуваат кај 26 милиони трговци на нејзината мрежа почнувајќи од почетокот на 2021 година, се вели во соопштението на компанијата.
Пејпал се надева дека услугата ќе поттикне глобално користење на виртуелни монети и ќе ја подготви својата мрежа за нови дигитални валути што можат да ги развиваат централните банки и корпорациите, рече претседателот и извршниот директор Ден Шулман во едно интервју.
„Ние работиме со централните банки и размислуваме за сите форми на дигитални валути и за тоа како Пејпал може да игра улога“, рече тој.
Носителите на сметки во САД ќе можат да купуваат, продаваат и држат криптовалути во нивните паричници во Пејпал во текот на следните недели, соопшти компанијата. Планира да се прошири во Венмо и некои земји во првата половина на 2021 година.
Други мејнстрим финтек компании, како што се провајдерот за мобилни плаќања „Сквер инк“ и фирмата апликација за тргување со акции, „Робиних Маркетс инк“, им овозможуваат на корисниците да купуваат и продаваат криптовалути, но лансирањето на Пејпал е значајно со оглед на неговиот огромен “дострел.”
Компанијата, со седиште во Сан Хозе, Калифорнија, има 346 милиони активни сметки ширум светот и обработила 222 милијарди долари за плаќање во вториот квартал.
Крипто-валутите имаат тенденција да бидат волатилни, што ги прави привлечни за шпекулантите, но многу помалку привлечни за трговците и купувачите.