Едно македонско семејство според статистиката во просек годишно купува над 2 килограми јагоди. Бидејќи домашното производство не е доволно, во 2023 година Македонија увезла над 590 илјади килограми свежи јагоди и за тоа се потрошени околу 570 илјади долари. Најмногу јагоди сме увезле од Албанија, Грција, Холандија и Австрија
На канче 70, на килограм 150. Првото пролетно овошје – јагодите веќе се нудат на повеќе тезги на зелените пазари и нивната цена за една недела се симна за 50 отсто. Земјоделците велат дека најсигурно е јагодите да се купуваат од април до јуни. Бидејќи се уште е студено кај нас јагодите се произведуваат под пластеници, а големи површини под ова пролетно овошје има од излезот на Скопје до Тетово.
Едно македонско семејство според статистиката во просек годишно купува над 2 килограми јагоди. Бидејќи домашното производство не е доволно, во 2023 година Македонија увезла над 590 илјади килограми свежи јагоди и за тоа се потрошени околу 570 илјади долари. Најмногу јагоди сме увезле од Албанија, Грција, Холандија и Австрија.
Според податоците, првите јагоди во Македонија почнале да се произведуваат во 1934 година во Скопско. Во седумдесеттите и осумдесеттите години на 20 век, биле подигнати поголеми плантажи од јагоди во комбинатите во Велес, Кавадарци, Прилеп и Битола. Приватните производители, особено во Скопско ги одгледуваат на црна фолија, без полевање и без заштита.
Јагодата се одгледува секаде во светот, но речиси половина од светското производство на јагоди е од Кина. Кина е водечка земја не само за одгледување, туку и за консумирање јагоди на годишно светско ниво, со приближно годишно производство од 3,7 милиони тони, или тоа е еднакво на 41,6 отсто од глобалното производство. Истовремено, податоците покажуваат дека Кина е водечка земја и во консумирање јагоди и се наоѓа на врвот на светската листа со 3.317 тони изедени јагоди на годишно ниво. Втора на листата на водечки одгледувачи е Америка со 1,3 милиони тони и годишна консумација од 1.272 тони. Во европски рамки, Шпанија е лидер и во производството на јагоди со 29% удел, така што ги надмина Полска и Германија.
Единствената фирма во нашата држава за прозводство на јагоди за свежа консумација во вертикален систем се наоѓа во Богданци.
Најскапата сорта јагоди на светот е „Преубавата принцеза“ (Бијин-Химе) и доаѓа од Јапонија, а едно парче може да стигне и до 400 долари.