Особено е трагично што инспекторите кои изминатив период деноноќно се во контрола не само во трговијата, туку и во угостителските објекти, тоа го прават со празни паричници, вели претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Од овој Синдикат се прашуваат дали тие ќе го дочекаат и трудбеничкиот 1 Мај, со празни паричници?
И овој викенд вработените во бројни државни институции ќе останат без плата. Од Синдикатот на УПОЗ за „Слободен печат“ конкретизираат дека Министерството за економија и труд, трудовата и пазарната инспекција, како и дел од обвинителството и вработените во Водостопанство, се без заработените пари. Особено е трагично што инспекторите кои изминатив период имаат полни раце работа и секојдневно, па дури и во викендите се на терен, сето тоа го прават на сопствен трошок, додава претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски. Од овој Синдикат се прашуваат дали тие ќе го дочекаат и трудбеничкиот 1 Мај, со празни паричници?
-Според моите податоци вработените во Министерството за економија и труд се уште не ја добиле мартовската плата, иако е надминат законскиот рок до 15 април. Она што е уште потрагично, страдаат и пазарните инспектори, кои треба да ги спроведуваат мерките на Владата, ги контролираат нефер трговските практики и нефер трговците, а се вклучени и во масовната акција по трагедијата во Кочани. За да биде иронијата уште поголема во ист кош се и трудовите инспектори, чија основна дејност е контролата на Законот за работни односи! Плата немаат добиено и вработените во дел од Јавното обвинителство, како и оние во Водостопанство, каде што имаше обиди да се пренасочи членството во друг синдикат – набројува Деаноски.
Проблемите со инспекторите тргнаа од реорганизацијата на Владата, од крајот на минатата година. Поради тоа, градежните, комуналните, сообраќајните, еколошките и разни други инспектори од 15 инспекторати, како и административните работници, Новата година ја дочекаа без декемвриската плата. Причината за тоа беше повеќе од банална – им престана правниот статус на инспекторатите, тие требаше да се префрлаат во други министерства, но законската регулатива не беше навреме заокружена. Сума сумарум без декемвриската плата останаа речиси илјада вработени во сите инспекторати во државата, посочија од УПОЗ за време на административниот протест пред Државниот завод за статистика во јануари. Вината за ова, беше насочена кон Министерството за финанансии, кое навреме не си ги исполнило нивните законски обврски.
-Во најдолгиот месец од годината, 988 вработени во сите инспекторати немаат декемвриска плата, а ги чекаат обврски и кредити. Министерството за финансии не си ги исполни своите обврски, согласно законските измени – информира тогаш Деаноски.
На вработените во Државниот инспекторат за труд дури на почетокот на март им беа исплатени платите за месец јануари 2025 година, додека платата за месец февруари требаше да им биде исплатена во законски утврдениот рок до 15 март.
-Ќе провериме што се случува, а имаме информации дека синдикалните претставници во овие институции молчат и не реагираат. Ќе поднесеме соодветни тужби, но парадоксот е што ќе треба да ги тужиме инспекторите пред инспекциите – посочи и претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Трудовите инспектори сега се дел од Министерството за економија
Согласно измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор, Министерствата беа должни најдоцна во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на Законот да ги преземат правата и обврските со превземањето на Инспекторатите.
Исто така согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.22/25, тие се преземаат во министерствата во чии рамки продолжуваат да работат. Така на пример, сите вработени од Државниот инспекторат за труд, а согласно Одлуката за преземање на вработени по сила на закон беа одјавени на 28 февруари 2025 година, а беа пријавени како вработени во Министерството за економија и труд со 1 март 2025 година, за да немаат прекин на работниот однос.