Како лавина растат желбите на бугарските земјоделци за заштита од државата, а на протест излегоа и пчеларите. Пред зградата на Министерството за земјоделство побараа забрана за увоз на мед од трети земји.
Тие наведуваат дека нивните магацини се полни и не можат да го остварат своето производство од минатата година и покрај ниската откупна цена. Проблемот не е само во поевтиниот украински увоз, туку и увозот од други земји, на пример „неквалитетен кинески мед“. Според пчеларите кои протестираат, државата не ги исполнува добро контролните функции, бидејќи значителен дел од увезениот мед во трговската мрежа се продавал како бугарски, пренесува „Сегабгњус“.
Пред Министерството за земјоделство поставија кошници со пчели и кренаа транспаренти „Стоп за дискриминацијата, стоп за лажниот мед, заштитете го родното производство“. Во интервју за БНР, министерот за земјоделство Кирил Ватев најави дека Бугарија земја сепак ќе инсистира на договор со Украина за рестриктивни увозни квоти не само за сончоглед, туку и за три други видови производи – нерафинирано масло, суво млеко и мед. Според Ватев, квотите ќе се договорат во рок од еден месец, но за маслото, сувото млеко и медот е потребно одобрение и од Брисел.