Јануарската пензија е повисока за 722 денари месечно, а ова зголемување влегува во основицата на пензијата што ќе се исплатува секој месец, рече дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ на денешната средба со пензионерите во Велес.
„Водиме одговорни политики. Секој пензионер во февруари доби 722 денари повеќе. Го зајакнуваме животниот стандард на пензионерите а просечната пензија изнесува 15.500 денари. Покачувањето на пензиите е планско, со издржани пресметки и во услови кога имаме стабилизација на пензискиот систем и раст на економијата во државата“, посочи Шкријељ.
Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкова на работната средба укажа дека најважна е редовната исплата на пензиите но и стабилноста на пензискиот фонд.
„Сите пензионери сакаат повисока пензија но не смее да се дозволи ерозија на пензискиот систем. Затоа, многу е важно што ова зголемување доаѓа како резултат на реформата и стабилизирањето на пензискиот систем. Посебно сакам да одговорам на прашањето што често ми го поставуваат, дали и во следната пензија ќе биде вграден порастот на пензија. Да, и во март, пензијата што ќе ја добиете, повторно ќе биде повисока за 722 денари. Ова усогласување е направено со закон и е трајно, ќе се пресметува редовно, секој месец“, рече Трајкова.