Пари нема, фалат 40 милиони евра кои ќе се обезбедат со ребаланс на Буџетот!
Премиерот Христијан Мицкоски најави две линеарни зголемувања на пензиите. Првото линеарно зголемување, како што најави претседателот на Владата, ќе биде со септемвриската пензија, која ќе биде покачена за 2.500 денари, а второто во март идната година. Со тоа ќе се исполни ветувањето дека во првата година од мандатот на оваа Влада, пензиите ќе бидат зголемени за 5.000 денари. За зголемувањето ќе треба да се чека ребалансот на Буџетот, некаде во средината на јули годинава, бидејќи за покачувањето на пензиите фалат околу 40 милиони евра. -Се трошеле пари за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следува – реагира премиерот и нагласува дека уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување што ќе биде во септември
За најавеното линеарно зголемување на пензиите ќе треба да се чека ребалансот на Буџетот кој што треба да се случи во средината на јули годинава. Според претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, тој и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска интензивно работат на оваа проблематика. Како што објасни Мицкоски веќе во неколку наврати се најавени две линеарни зголемувања и тоа со нивелирањето во септември и уште едно во март.
Но, Мицкоски е загрижен бидејќи со оној првичен буџет што е поминат за оваа година недостигаат околу 2,5 милијарди денари.
-Ќе имаме најверојатно две линеарни зголемувања. Најверојатно и тоа едно со нивелирањето сега во септември, линеарно зголемување од 2,500 денари и другото ќе биде во март уште 2,500 денари, вели Мицкоски и дополнува дека потврда за тоа ќе има во текот на денешниот или утрешниот ден.
Тој објаснува дека треба да се обезбеди со ребалансот 2,5 милијарди денари или околу 40 милиони евра, оти тие пари сега во овој буџет недостасуваат.
-Се трошеле пари за работи за кои мислам дека многу ќе се занимаваат истражните органи во периодот што следува – реагира премиерот и нагласува дека уште дополнителни 2,5 милијарди денари се подготвени за ова првично зголемување сега што ќе биде во септември, за овие три месеци, септември – октомври-ноември, бидејќи пензиите ќе се исплаќаат тогаш.
Мицкоски е задоволен што најавеното линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари во првата година од нивниот мандат, ќе заврши порано во март 2025 година.
-Нема да биде до јуни туку ќе биде до март, рече Мицкоски и потсети дека се работи на новото законско решение што набргу ќе се најде и во собраниска процедура.