Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека пензионерите ќе добијат линеарно зголемување за 2500 денари со мартовската пензија која ќе биде исплатена на крајот на март или на почетокот на април.

„Со линеарното зголемување од вкупно 5.000 денари „ЈВ индексот“ е доведен во некоја си нормала затоа што е намалена разликата меѓу екстремно сиромашното население и екстремно богатото“, рече Мицкоски во интервју за ТВ Канал 5.

Нагласи дека Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд побараа од Владата да се зголеми границата за пензионирање.

„Жестоко се боревме тоа да не се случи освен оние што сакаат да можат да работат до 67 години старост. Застанавме позади правата на граѓаните и работниците. Бараа и зголемување на ДДВ-то и ме прашуваа зошто не го зголемуваме. Се боревме и не го направивме тоа. Бараа и променлив данок, но ние викавме не, данокот ќе си биде рамен. Се боревме и ќе се бориме“, рече Мицкоски.