Надлежните наредната година најавуваат зголемување на пензиите во март за 2.500 денари и 4 проценти во септември. Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, велат, пари за пензии ќе има. За 2025-та година е планиран буџет од 135 милијарди денари. 105 милијарди се наменети за пензиите, 15 милијарди за вториот столб.
Директорот на Фондот, Никола Мемов соопшти дека предлог-буџетот за Фондот за 2025 година е 135 милијарди денари наспроти 110,5 милијарди денари за тековната 2024 година.
На средба со новинарите на која информираше за состојбата на буџетот и за идните планови, новиот директор на Фондот рече дека средства за пензии ќе бидат обезбедени и дека буџетскиот дефицит во вкупниот буџет за 2025-та е 27 проценти. Придонесот за пензиското осигурување останува 18,8 отсто.
Најави дека ќе работат на одржување на социјално-солидарниот концепт, подобрување на стандардот на сите пензионери. Во меѓувреме, барања за пензионирање ќе се носат низ целата држава за да се сработат, бидејќи одредени подрачни единици не можат да постигнат. На Фондот за пензиско му требаат над 900 вработени за непречено функционирање, а има вработено безмалку 500.
Во државава има помеѓу 340 000 и 350 000 пензионери, а планираната стапка на раст на нови корисници на пензија годишно се движи од 0,9 до 1 отсто.