Македонските пензионери и натаму ќе бараат зголемување на пензиите и нивно израмнување со минималната плата.
Од здруженијата информираа дека на 20-ти септември кога се одбележува Денот на пензионерите, се подготвуваат за масовен протест во Скопје, на кој очекуваат поддршка.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, пак, ветува дека покачувањето на пензиите ќе биде за 6% и дека од септември нема да има пензија пониска од 13.000 денари.
Дали овие 13.000 денари се доволни за достоен живот во староста, прашуваат пензионерите.
Министерката деновиве во јавноста потенцира дека треба да се мисли и на стабилноста на Фондот. Таа додава дека барањето на пензионерите за минимална пензија од 18.000 денари е многу нереално, бидејќи во државата минималната плата е 20.000.
Додека, оваа категорија на граѓани во земјава вели дека тешко се преживува со пензиските примања од околу 12.000 денари, во соседна Србија има најави за зголемување на пензиите од дури 55 отсто.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста најави историско зголемување на пензиите веќе од октомври, а освен тоа најави и низа поволности преку т.н. пензионерски картички.