Банките во соседна Србија ги продолжија роковите за отплата на кредити за пензионери. Со оваа промена, пензионерите имаат можност да ги користат кредитите до својата 80-та година.
За банкарите, највозрасните клиенти се воедно и најдобри клиенти затоа што на време вршат отплата на своите месечни рати за кредит. Поради тоа, банките во соседна Србија им нудат на пензионерите се повеќе поволности.
Зависно од пензијата која ја зема клиентот, имаат можност да се задолжат до 1,2 милиони динари со максимален рок на отплата до 10 години. Секој кеш кредит наменет за пензионер, задолжително е осигуран кај осигурителна компанија, така што нуди заштита и за банката и за клиентот. Најголем дел од банките го преземаат трошокот за осигурување на свој терет, што ги прави овие кредити максимално привлечни.
Банките во Македонија се многу повнимателни кога се во прашање износот, рокот на отплата и максималната возраст до која пензионерот може да плаќа обврски по кредити. Износот на кредитите се движи до максимум 900.000 денари, рокот на отплата до 96 месеци, додека максималната возраст до која клиентот може да плаќа обврски за кредити е 75 години.
Само дел од банките во Македонија нудат кредити за пензионери кои се осигурани, така што во случај на смрт, обврските не се пренесуваат на наследниците. Во тој случај, осигурителната компанија ги покрива сите трошоци.
Во периодот кој следи, ќе анализираме дали банките во Македонија ќе ги “олеснат” условите под кои пензионерите можат да се задолжат. Еден од аргументите кои оди во прилог е секако животното осигурување, кое иако е во постојан подем сеуште има пред себе огромен неискористен потенцијал.