Земјоделската пензија е 9.867 денари; – старосната пензија е 20.614 денари

По земјоделските кои со износите како да се вон конкуренција, најниската пензија исплатена во јуни е 11.897 денари, сума што ја примаат 2.714 лица, а највисоката е 69.803 денари

Понеделнички пензионерите ќе ги добијат јулските пензии. Тие кои имаат и применуваат картички ќе можат своите пари да ги користат веднаш. А, другите, вообичаено, според групата во која спаѓаат, готовина ќе подигнат од банкарските шалтери – со примања до 14.000 денари на последниот јулски ден, а на први август сите чии пензии се повисоки од 14.001 денар. Потоа, велат панзионерите, е дури потоа почнуваат „секирациите“. Како да се распоредат парите и да дотраат до следната исплата.

Шесте проценти во најава, кои ќе се надодадат кон нивните месечни приходи од септември не само што не ги орасположија, туку и ги предизвикаа пензионерите. Сметаат дека тоа се ронки во однос на функционерските 78, па и на триесетте проценти што ги добија вработените во УЈП.

Во март пензиите беа „надграени“ со 8,4 проценти. Тие две придвижувања во текот на годината, во март и во септември, се овозможија со измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и со новата методологија, според која, за пресметка на усогласувањето на пензиите се зема растот на трошоците на живот и растот на просечната плата. Што за власта е адут дека се овозможува реален и континуиран раст на пензионерските примања.

Секој, според длабочината на џебот, знае како го врзува месецот, што се однесува и на пензионерите – 337.054 на број. Податокот е од јуни, кога просечната исплатена пензија е 19.106 денари.

Што се однесува до другите просеци, податоците од ПИОМ покажуваат:

– семејната пензија е 15.097 денари;

– инвалидската пензија е 17.003 денари;

– старосната пензија е 20.614 денари;

– земјоделската пензија е 9.867 денари и

– воената пензија е со просек од 27.330 денари.

Од аспект на групите на исплата, јунската состојба е следна:

– до  13.300 денари е пензијата што ја примаат 96.257 пензионери, чие учество е 28,56%;

– од 13.301 до 16.000 денари пензија имаат 60.785 лица (18,03%);

– од 16.001 до 22.000 денари пензија користат 86.951 пензионер (25,80%);

– над 22.001 денар пензија има групата од 93.061 корисник (27,61%).

Забележливо е дека се најбројни двете групи – со најниски и со највисоки пензии.

Најниската исплатена пензија во јуни е 11.897 денари. Тој износ го примаат 2.714 лица. Оттаму, со претстојното усогласување во септември, на нивните сметки ќе легнат плус 714 денари. Што за малку е подобро од пензионерите – корисници на просечна земјоделска пензија. Нивните 9.867 ќе пораснат за 592 денари.

Пристојни или високи пензии кои овозможуваат нормално функционирање, добиваат 1.526 лица. Износите се движат од 48 па до речиси 70 илјади денари. Највисоката исплатена пензија во јуни е 69.803 денари. Оваа сума ја примаат 75 лица. За нив зголемувањето од шест насто ќе значи дополнителни 4.188 денари.

Јунската статистика на ПИОМ покажува дека правото на пензија го стекнале нови 1.869 лица, од кои 1.288 мажи и 581 жена.

 

Извор https://pari.com.mk/