Даночните обврзници на ЕУ наскоро можеби ќе треба да издвојуваат 23 милиони евра годишно за да ја спасат наследната пензиска шема за стотици поранешни функционери на ЕУ, која е пред колапс, објави Политико, пренесува „24Часа.бг“. Недостатокот е во износ од 308 милиони евра, а средствата во пензискиот фонд можат да ги покријат трошоците само до крајот на 2024 година.
Потоа нејасни се парите за средствата на поранешните европратеници. „Фондот наскоро ќе го исцрпи својот капитал“, се наведува во интерен документ подготвен од генералниот секретар на парламентот Алесандро Чиочети. Тој ја опиша претстојната финансиска катастрофа како „драматична“. Високите европратеници разговараа за документот на состанокот зад затворени врати во Стразбур на почетокот од минатата недела. Сепак, одлука се уште не е донесена.
„Очигледно отпаѓа опцијата да не се преземе ништо по ова прашање“, истакна портпаролот на ЕП.
Дополнителна пензиска шема е основана во 1990 година од страна на Парламентот. Таа беше укината за нови членови во 2009 година. Тогаш беше воведена единствена пензиска шема на нејзино место.
Замрзнувањето на придонесите на законодавците пред 14 години делумно е причината зошто фондот сега е во тешка состојба. „Мислам дека парите на даночните обврзници повеќе не треба да се трошат на структура која, сосема искрено, изгледа малку како Понзи шема. Се граничи со криминал“, коментира германскиот европратеник Даниел Фројнд.
Понзи шемите се инвестиции со лажна цел, чиј метод на опстанок бара постојано привлекување на нов капитал. Претседателот на фондот, Стивен Хјуз, британски лабуристички европратеник од 1984-2014 година, рече дека Парламентот е должен да ја почитува својата посветеност кон сопствените пензионери. Тој рече дека е неправедно дури и да се размислува што да се прави со фондот во оваа фаза, бидејќи ЕП знаеше од самиот почеток на пензиската шема што ја воведе.