Од почетокот на војната во Украина, цените на храната во Германија драстично се зголемија. Ова е особено забележливо кога се продава масло за јадење во германските супермаркети.
Во некои продавници цената на еден литар зејтин достигнува и до пет евра. Филијалата на малопродажниот синџир „Едека“ во Тренделбург повеќе не сака да продава зејтин во својата продавница по такви цени, пишува магазинот „Феникс“.
Менаџерката на продавницата Ања Милер вели дека има алтернатива затоа што во фрижидер има разни маснотии за печење, па може некое време без масло за јадење.
Продавницата „Едека“ во Тренделбург веќе поставила натпис дека не продаваат зејтин.
„Не очекувавме ситуацијата да се развие во насока во која се разви. На полицата за масло за јадење ставивме натпис со објаснување зошто повеќе не продаваме масло. Нема да продаваме сончогледово масло за 4,99 евра за литар. Се оградуваме од овие цени. Има граници“, изјави Ања Милер за германски RTL.
Таа вели дека купувачите го разбираат потегот на трговијата и го сметаат за оправдан.
„Зејтинот е апсолутна намирница и не треба да се продава по толку високи цени. Има дури и луѓе кои продаваат зејтин на eBay. Јас само сакам да ја работам мојата секојдневна работа овде без црниот пазар. Мојата совест не дозволува да продаваме зејтин по толку високи цени“, рече Милер.
Покрај тоа, постои уште една причина за бојкот на високите цени на зејтинот. Ања Милер, вели деки ги цени клиентите во нејзината продавница, повеќето од нив се многу љубезни и полни со разбирање, но секогаш има и незадоволни.
„Кога би знаеле што моите вработени мораат да слушаат на каса. Некои клиенти ги обвинуваат вработените дека се збогатуваат поради изнудувачките цени или уживаат самите во евтиниот зејтин. Тоа е сосема неправедно и неоправдано“, рече Милер.
Сегашната состојба со маслото и брашното потсетува на недостигот на тоалетна хартија во времето на заклучување. Според Ања Милер, тие ситуации воопшто не се споредливи. Зејтинот веќе стана дефицитарен уште пред да биде спомнат во медиумите, пишува магазинот Phoenix.