Пет компании треба да добијат одобрение од Царинската управа за овластен економски оператор. Барањата, се во обработка и немаат согласност да ги објават нивните имиња.
Кога овие пет барања ќе бидат одобрени од Царинската управа и ќе станат овластени економски оператори ќе им се придружат на двете компании што веќе имаат добиено одобрение за овластен економски оператор, Европа АД Скопје, која е овластен економски оператор од 5 јануари годинава, и Фершпед АД Скопје од 13 февруари годинава.
Добивањето на лиценцата за компаниите значи олеснети процедури при царински контроли, односно ќе имаат поедноставни, побрзи и поевтини постапки.
Преку овластениот економски оператор се олеснува и се забрзува меѓународната трговија и царинските постапки се одвиваат со минимум потребно време само за проверка на документи и дека се намалуваат и трошоците за економските субјекти.
Придобивките на компаниите со стекнување статус овластен економски оператор се бројни, од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст.
Се очекува бројката на лиценцирани овластени оператори во земјава да достигне до 150.
Компаниите што се стекнуваат со статус овластен економски оператор ги задоволуваат предвидените законски критериуми и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување.
Концептот на овластен економски оператор се занова на партнерство меѓу Царината и деловната заедница што е воведен од Светската царинска организација и прифатен во дополнителниот протокол пет со што се измени ЦЕФТА-договорот. Статусот на овластен економски оператор е меѓународно призната марка за квалитет што укажува на тоа дека економските оператори во РМ, како што се производители, извозници, увозници, шпедитери и транспортери, во меѓународниот синџир на снабдување се безбедни и сигурни и дека нивните царински контроли и процедури се ефикасни и усогласени.
Концептот функционира во земјите членки на ЦЕФТА, а понатаму и во земјите на ЕУ.