Не треба Владата да биде критикувана затоа што, не само деновиве, повеќе се задолжува на домашниот пазар, сакајќи истовремено да ја промени структурата на јавниот долг во полза на домашната компонента. Се разбира, доколку износите на таквото задолжување не предизикуваат поголем „ефект на истиснување“ на средства за инвестирање од страна на приватниот сектор. Во моментов тоа ѝ е поевтино и генерално, секогаш, таквото задолжување е далеку помалку ризично. Едноставано, им должите на домашни доверители кои потоа треба да ги исплатите во домашна валута, наместо на странски, за кои се потребни меѓународно-конвертибилини валути кои безбедно може да ги имате само од една вибрантна економија, извозно ориентирана и соодветен трговски и вкупен платен биланс. Експертите често го споменуваат примерот на Јапонија. (Некои погрешно, за да посочат дека и ние имаме простор за поголемо задолжување). Имено, јапонскиот јавен долг со децении изнесува над 200% од нејзиниот годишен БДП. Иако Јапонија може да сервисира и не мали износи на надворешен долг, зашто остварува големи суфицити во тековната сметка на платниот биланс. Но, не секоја држава може да си дозволи висок јавен долг (како процент од БДП) било да е во домашна или во странска валута, зашто секоја има различен капацитет за негово сервисирање, во зависност од повеќе фактори.
А, токму тоа е суштината, кога се работи за нашите состојби на тој план – дали Македонија има капацитет за отплата и на сегашното ниво на јавен долг, без тоа негативно да влијае на вкупните перформанси на домашната економија (на вкупната економска и социјална политика), а да не зборуваме доколку трендот на неговото зголемување продолжи – нагласува економистот Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на Народната банка.
Тој прецизно упатува на веб-страницата на Министерството за финансии, на дополнителниот предлог-буџет за годинава, конкретно на графичкиот приказ за движењата и проекциите на јавниот долг од 2010 до 2027.
„Во 2010 јавниот долг изнесувал 27,2 отсто од БДП. Во 2023 – над 60 отсто од БДП, кој за оваа година е проценет на 15.553 милиони евра.
Од 2023 до 2027 Министерството проектира дека долгот, во релативен износ, ќе почне благо да се намалува. При што во 2027 ќе го допре(л) нивото од 57-58 проценти од БДП“, посочува Гошев.
Многу е важно, вели, да се обрне внимание на следното – проектираниот буџетски дефицит за годинава (беше) е 695 милиони евра, а износот за отплата на долгот до крајот на годината е 847,4 милиони евра.
„И тоа, без каматата, за која годинава ќе бидат исплатени 210 милиони евра. Тоа значи дека државата годинава е принудена да обезбеди финансирање (за отплата на долгот што доспева годинава плус за дефицитот во годинешниов буџет) заеми во износ од над 1,5 милијарди евра. Поточно, 1.543 милиони евра, или превисоки 10 проценти од вкупниот БДП“, акцентира Гошев.
Официјалните бројки, пак, пласирани на веб-страницата на Народната банка, кажуваат дека бруто надворешниот долг на Македонија, сочинет од јавниот надворешен долг на државата плус надворешниот долг на приватниот сектор, во 2010 изнесувал 4.106 милиони евра или 57,8 отсто од БДП. Додека на крајот од вториот квартал годинава е 11.060 милиони евра, односно 80,3 проценти од проектираниот БДП за 2023. За Гошев тоа не е ништо ново во негативна смисла, „зашто негативната насока не се менува“.
„Динамиката на раст на јавниот долг на државата континуирано е значително побрза од динамиката на неjзиниот економскиот раст. Затоа, тој е повеќе од удвоен како процент од БДП и е навлезен во критичната зона од над 60 отсто, формирајќи големи трошоци за негово сервисирање и не оставајќи простор за евентуални потребни одговори на јавните финансии во случај на нови екстерни и домашни шокови.
Бидејќи четиридеценскиот период на евтини пари или евтин капитал е веќе зад нас, секое натамошно генерирање нов долг и задолжување за рефинасирање на постојниот, отсега натаму ќе нé чини неколкукратно поскапо. Факт што веќе го почувствувавме и со последното издавање на евро-обврзницата. Во услови кога стапката на економски раст ни е значително пониска од висината на каматата на позајмениот капитал од надворешни извори, тоа е сигурна патека што води кон неодржливост на состојбата во јавните финансии, да не употребам посилен збор“.
Уште повеќе, вели поранешниот гувернер, што ние никогаш не сме го утврдиле целосно и прецизно вистинскиот износ на јавниот долг. „Кога ги претресуваме бројките во врска со движењето на јавниот долг на државата и износите на годишните буџетски дефицити, треба да бидеме свесни дека постои значителен износ на прикриен јавен долг. За кој со години владее тишина кај нас. Буџетските дефицити, а со тоа и потребните износи на годишните задолжувања би се покажале значително повисоки, доколку реално се пресметуваат, искажуваат и издвојуваат средствата за амортизација – за одржувањето и обновувањето на државниот имот (јавните згради – училиштата, факултетите, јавните здравствени установи, за патната инфраструктура…) за долговите што ги генерираат јавните претпријатија, за попречувањето на нивното руинирање, како и долговите на општините. Бидејќи тоа не е така, евидентно е дека многу јавни објекти пропаѓаат, многу јавни претпријатија се во фаза на вистински распад, како што деновиве ја сведочиме агонијата во Македонските железници, а исплатата на обврските на државата кон приватниот сектор не се исплаќаат навреме, посебно оние на општините, кои доцнат и со години“.
Од друга страна, Владата постојано ветува и ја одложува консолидацијата на јавните финансии, додавајќи му нов нето износ на веќе големиот јавен долг.
„Сега, во периодот кога цената на капиталот на светските пазари драматично се зголеми, Владата неразумно влезе во скапи, најблаго речено, контроверзни проекти. Кои, поради тешката домашна состојба и ризиците од меѓународното окружување ни случајно не можеа да имат ознака за приоритет.
Исто како и некои претходни влади, за да дојде до средства по секоја цена, продава и подготвува продажба на јавни добра, со што ги оштетува националните интереси и го слабее капацитетот за автономно водење на економските политики, сега и во иднина“. Притоа Гошев укажува дека власта перманентно го зголемува одливот на јавните пари преку корупцијата која е во епски размери. „Се случуваат грабежи на јавните пари, пред очите на целата јавност и на органите кои треба да го спречат и санкционираат тоа“.
Освен тоа, вели, „постојано растат и расходите за сé погломазната и некомпетентна администрација, поради што таа се претвора во сé поголем негативен фактор во корпата фактори што треба да влијаат на зголемување на продуктивноста на сите нивоа во општеството – на микро, мезо и макро ниво“.
Недостасуваат пари во државната каса, па Владата ја фаќа паника од кусокот од една и растечкото социјално незадоволство од друга страна. Па, почна да ги зголемува даноците, за да пополни дел од кратерите во јавните финансии што самата ги копа, без јасен концепт, а диктиран од интересите на богатите клиенти на власта и на самите нејзини членови – како клиенти на Буџетот по разни основи.
„Власта не сака да изврши реформа на јавните финансии според принципот – економски појаките да плаќаат даноци со повисоки даночни стапки, заменувајќи го сегашниот систем кој изнудува повеќе пари од сирамашните и средниот слој граѓани. Ако сé уште може да се каже дека кај нас има среден слој. Систем, кој наивно се нарекува ‘систем на рамни даноци’, додека во суштина се работи за ‘регресивен даночен систем’ кој на сиромашните им наметнува повисоки стапки на плаќање на даноците од оние на имотно богатите граѓани“, тврди Гошев, кој упатува на реалноста дека во земјава повторно рапидно се зголемува бројот на сиромашните, обесправените и постојано ограбуваните граѓани, кои живеат дневно со двеста и помалку од тоа денари.