Ако во недела кажете „не“ на Европската Унија и Нато, Македонија ќе изгуби 1 милијарда евра помош, можна е дестабилизација на денарот, пад на странските инвестиции. Граѓаните ќе ја изгубат вербата во иднината и ќе има масовни иселувања.
Со вакви сценарија за иднината на земјава после референдумот и со повик да се излезе и да се гласа, излезе денес Советот на странски инвеститори.
„Мое лично мислење е дека една валута која ја користат 2 милиони жители нема да преживее.“ – вели Штефан Петер претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.
Премиерот Заев пак денес порача дека неуспешен референдум не значи девалвација на денарот. Сите перформанси се добри, денарот е стабилен, како и банките, економијата и буџетот. За премиерот прашањето е само дали по успешниот референдум се ова ќе зајакне и ќе имаме раст кој ќе го почувствуваат граѓаните.
Петер, пак рече дека дека нема да има катастрофа после недела, дека животот ќе продолжи. Но истакна дека сака Македонија да ја види постабилна, побезбедна и со подобри можности за живот, како дел од европското семејство.
„Важно е да излезете на гласање, а потоа немојте да бидете себични и да рамислувате за себе, туку и за вашата иднина. кој не гласа, го губи правото да се жали.“ – изјави Петер.
Според Петер странските инвеститори нема да си заминат од земјава во понеделник. Но, секој нов би размислил дали би инвестирал во земја со небезбедна иднина.